Доставена, примена и платена, вака кусо преку порака ни одговори вицепремиерот Артан Груби на прашањето дали полицијата го нашла и му ја доставила прекршочната пријава затоа што во неговиот кабинет заедно со уште 14-мина функционери на ДУИ, без маски го слави роденденот на партискиот лидер во државна зграда. Бидејќи банките не работат на празник, најверојатно казната ја платил електронски.
Меѓу првите кои ја ја добиле белешката за глоба од 20 евра, а која доколку се плати за 8 дена се намалува на 10, е и заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши кој е е на состанокот, но не пријавил никаде дека се кршат протоколи заради тортата на партискиот лидер.
Меѓу последните кому му е доставена белешката е парламентарниот спикер, кому му е однесена дома во гостиварско Форино. Не одговори на нашите повици и прашања. Сите славеници ги добиле глобите, а меѓу нив има петмина министри. Досега нема кривична одговорност, ниту пак има морална политичка одговорност за екцесот во зградата вредна 14 милиони евра.
Државниот инспекторат за труд утре ќе го доврши вонредниот надзор и ќе утврди дали е прекршен протоколот за превентивни мерки на сите работни места донесен од владата каде го гласале и дел од министрите што не го почитувале. Трудовите инспектори ќе проверуваат и дали е сторено кривично дело по член 206 од кривичниот законик, односно непостапување по здравствените мерки во време на епидемија. Директорката Јована Тренчевска за Телма рече дека утре треба да има информации што утврдиле во Министерството за политички систем.
Од друга страна МВР пак постапувајќи по објавени видеа на социјални мрежи веќе поднесе кривични пријави за двајца браќа од Струмица кои славеле роденден и организирале домашна корона- забава. И тие славеле роденден и тие се фалеле на интернет со снимки од забавата, но тие веднаш добија кривични пријави.
Миомир Серафиновиќ