Фудбалската федерација на Македонија ќе ја исплати најголемата премија во историјата на домашниот спорт и ќе ги награди репрезентативците со 4,2 милиони евра за пласманот на Европското првенство, што ќе се одржи идното лето.
Репрезентативците и стручниот штаб веќе инкасираа близу еден милион евра за освоеното прво место во групата Д од Лига на нации и третото место во квалификациите за ЕУРО 2020. Самиот пласман на континенталниот турнир им носи и дополнителни 3,2 милиони евра.
Управниот одбор ги усвои предложените критериуми за распределба на наградата, изготвени од директорот на репрезентацијата во консултација со селекторот и капитенот на националниот тим.
„Македонската репрезентација ја обедини целата држава и ни ја донесе најголемата фудбалска радост од осамостојувањето. Капитенот Пандев и сите репрезентативци апсолутно ја заслужуваат паричната награда“, изјави претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини.
Фудбалската федерација на Македонија од УЕФА доби парична награда од вкупни 9,2 милиони евра за самиот пласман на Европското првенство. Што значи дека нешто помалку од половина од премијата ќе заврши кај фудбалерите и стручниот штаб.