Светската здравствена организација потврди дека е во блиска комункација со британските власти заради појавувањето на новата варијанта на коронавирусот.
Според сегашните информации од Обединетото Кралство, оваа мутација на вирусот, детектирана во Јужна Англија, се шири побргу од оригиналната верзија, но засега нема докази дека е поопасна и посмртоносна.
Покрај Обединетото Кралство, случаи со истата мутирана варијанта на Ковид-19 исто така се детектирани и во Холандија, Данска и Австралија, потврдува светската здравствена организација.
Драстично се зголемува и бројот на европските држави кои веќе воведоа или најавија забрана за патувања од Обединетото Кралство.
Холандија и Белгија ги откажаа сите авионски летови и возови. Италија најави иста мерка, додека слични одлуки се очекуваат и од Франција и Германија.
Надлежните смируваат и дека засега нема докази дека новата варијанта на коронавирусот реагира поинаку на вакцините, односно тие се подеднакво ефикасни во заштита на луѓето. Тоа што ги загрижува британските власти, според премиерот Борис Џонсон, е фактот дека според сегашните проценки на епидемиолозите во Обединетото Кралство, оваа варијанта на вирусот се шири околу 70% побргу од досегашниот вирус.
Британската влада, соочена со опасноста од драматичен пораст на инфекциите, иако најавуваше олабавување на рестрикциите за божикните празници, целосно го промени пристапот и воведи најостри рестрикции.
Секретарот за здравство, Мет Хенкок, апелираше до граѓаните дека ситуацијата е крајно сериозна , особено во регионите кои се со најголема вирулентност, односно 4-тото ниво од британскиот модел.
“Во суштина, особено во регионите од 4-то ниво, сите треба да се однесуваат како веќе да се заразени со вирусот и тоа е начинот накој може да ја вратиме контролата и да ги чуваме луѓето безбедни” – вели британскиот секретар за здравство, Мет Хенкок.
Во Обединетото Кралство, најголем дел од југозападна Англија, вклучувајќи го и Лондон, сеа се под нови, поостри рестрикции, во обид да ја запрат опасноста од експлозија на нови случаи наредните недели.
Забраната опфаќа околу 18 милиони луѓе.
“Една од причините заради кои ги усвоивме строгите рестрикции за патување со кои не смее да се напуштаат регионите од 4-то ниво, луѓето треба да останат дома, е со цел да се спречи оваа варијанта да се шири во останатиот дел од државата и навистина во другите делови од светот каде уште не е присутна” – тврди Хенкок.
Локдаунот ги шокираше и британските граѓани, кои уживаа во божикниот шопинг и се подготвуваа да го прослават празникот со своите семејства, охрабрени од тврдењата на Џонсон дека тој нема да го откаже Божик.
Дел од нив забрзано го напуштаа и Лондон пред да стапат на сила острите мерки но најголем дел од луѓето веќе ги отпакуваа своите патни торби.
“Мајка ми живее сама и сега ќе биде навистина тешко, затоа што јас очигледно нема да можам да ја видам. Навистина ќе биде многу тешко.
Сите сме загрижени, но истовремено, знаете, ние мораме да го прифатиме и да реагираме на актуелната ситуација.
Требаше да имаат контрола врз ситуацијата. Само неколку дена пред Божик ја носат оваа одлука, тоа е лудо. Мислам навистина лошо го направија ова” – велат граѓаните.
Рестрикции не се воведуваат само во Англија. Национален локдаун за периодот на Божик и Нова година воведен е и во Италија, каде затворени се рестораните и баровите а италијаните може да патуваат само заради исклучителни причини.
Локдауни има и во Холандија и Германија до јануари, по Божик остри мерки ќе има и во Австрија а дури и Шведска, која имаше најлиберален пристап во пандемијата, донесе одлука за задолжително носење маски во јавниот транспорт.
Никола Илиевски