Бугарија ја прошири листата на проблеми кои ги има со Македонија, вметнувајќи ги на неа како последни и македонските граѓани со бугарски државјанства. Бугарското министерство за надворшени работи соопшти дека ниедна бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе, без појаснување што конкретно мисли под тоа. Коментарот на макеоднската влада на ова стигна лично од премиерот Зоран Заев кој веќе не знае што кој е проблемот кој треба да се решава со Бугарија.
Не знаеме веќе кој е проблемот кој треба да го решаваме со Бугарија е коментарот на премиерот Зоран Заев на новата порака која стигна од Софија дека бугарската позиција по прашањето на Македонија нема да се промени бидејќи таа не смее да ги предаде бугарските државјани во Македонија.
„Ако е тоа решението ќе ги прашаме и македонските граѓани со бугарски пасоши. Ние сме пријатели. Јас навистина вчера испратив порака дека треба да го решаваме проблемот, кој што не знам кој е проблемот. Претседател сум на оваа влада, Почнаа од долгото – краткото име – дефиниравме дека и краткото име е исто што и долгото име „Република Северна Македонија“. Нема никакви територијални претензии, нема да ја нападнеме Бугарија, таман работа, пријатели сме. Пренесовме доверба комплетна нивната авионска ескадрила да го чува македонското небо. Како поинаку да кажеме дека имаме доверба во нашите соседи“, изјави Заев.
Рекацијата на Заев уследи откако бугарското МНР за тоа активности ќе преземе во идните шест месеци за да се најде решение за Северна Македонија реферира на наводни 88.540 македонски граѓани со бугарски пасоши. Сепак во соопштението од бугарското МНР нема конкретно објаснување што конкрето подразбира под тоа.
„Би било неразумно да очекуваме дека бугарската позиција ќе се смени. Оваа позиција е предмет на натпартиски консензус и 84 отсто јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според Министерството за правда, 88.450 граѓани на Република Северна Македонија, исто така, имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе“, посочиле од бугарското МНР.
Заев денеска ги наброи мерки и отстапки кои ги прави Македонија за да се увери Бугарија во добрите намери на земјава, како сузбивање на говорот на омразата, повторно декларирање на немешање во внатрешните работи и малцинските права во други земји, но и бришење на натписот „бугарскиот фашистички окупатор“ од спомениците.
„Јас верувам дека треба да продолжиме со Бугарија, да правиме напори, Како што ме охрабрија неколку земји во ЕУ. зборувам како Зоран Заев, предводник на нашето македонско општество со сето тоа што го направив во изминатиот период, одржувајќи европски лекции овде, од душата и срцето на Балканскиот полуостров. Среќен сум што се уште останало европско во Европската унија преку овие чекори што се преземаа последните неколку денови“, рече Заев.
Но на оптимизмот на Заев дека европската иднина на земјава ќе биде помогната од Европската унија, вклучително и од соседот Бугарија, од Софија денска стигна уште една не толку охрабрувачка порака за намерите на Бугарија. Нарекувајќи ја земјава „браќата во Северна Македонија“бугарскиот претседател Румен Радев порача дека Македонија треба да разбере оти патот кон ЕУ не и поминува преку лобирање во европските центри за притисок врз Бугарија, туку дека патот кон ЕУ на Македонија и поминува преку Софија.
Тамара Грнчароска
А ВМРО – ДПМНЕ попладнево со реакција дека Владата признала оти тргува со македонскиот идентитет. „Со тоа што Заев изјавува дека на спомен обележјата каде пишува „бугарски фашистички окупатор“ е подготвен да ја избрише придавката „бугарски“ значи дека јавно изјавува е подготвен за ретуширање на македонската историја и идентитет“, се вели во партиското соопштение. Опозицијата додава и дека Владата освен што ја ретушира историјата и идентитетот на Македонците го укинува и предметот историја.