Независната угостителска комора поднесува Иницијатива за оценување на уставноста за одлуката на Владата за рестриктивната мерка со која од денеска угостителскаите објекти ќе работат до 18 часот, а забранети се и секакви прослави за време на празниците, со цел заштита од КОВИД-19. Од НУК велат дека почнуваат да ги користат сите правни мерки кои им се на располагање, бидејќи сметаат дека Владата не им излегла во пресрет на нивното барање за итна јавна средба, а со тоа ја потценуваат општествената улога на угостителските работници.
Од денеска стартуваат новите рестриктивни мерки коишто ги донесе Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести со цел спречување на ширењето на коронавирусот. Со мерките кои ќе бидат во сила до 20 јануари, работното време на угостителските објекти се скратува до 18 часот, а се забранува и организирање и одржување прослави на претстојните новогодишни и верски празници.
Мерките не дозволуваат ниту организирање Нова година на отворен и затворен простор. Забранети се и новогодишни прослави кои традиционални ги организираа претпријатијата. А не смее да има и прослави по хотелите. Со новите мерки се забранува и изнајмувањето викендички и други туристички капацитети за сместување, за групно собирање и организирање прослави. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера најави дека ќе биде казниво издавањето на викендички за претстојните празници, за групно славење.