Македонија Најважни

Чешка и Словачка не се согласуваат со заклучоците за проширувањето на ЕУ

Чешка и Словачка го блокираа усвојувањето на заклучоците за процесот на проширување кои вчера ги усвои Европската унија на ниво на амбасадори. Двете земји-членки не ставија министерски потпис на заклучоците со што документот не ја поминаа процедурата за писмена потврда од секоја од членките.

Причината  на Чешка и Словачка за одбивањето да се стават потпис на заклучоците е вметнувањето во нив на фразата „погрешно толкување на историја“ на инсистирање на Бугарија. Бугарското барање беше вметнато во преамбулата на заклучоците за проширување во делот за регионално помирување.

„Советот нагласува дека во ЕУ нема место за распалувачка реторика и глорификација на воените злосторници од која било страна. Изјавите кои негативно влијаат на добрососедските односи и мирното решавање на споровите мора да се избегнуваат. Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за Пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекори би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата“, стои во зкалучокот.

За Словачка и Чешка со вметнување на оваа реченица се нарушува кредибилитетот на ЕУ кон земјите-кандидати, но и кон идните канидидати, како и кон процесот на проширување воопшто. Истовремено официјалните Прага и Братислава сметаат дека ваквата формулациија може да предизвика проблеми и внатре во самата Унија.

Со официјално соопштение за одлуката се огласи и шефот на чешката дипломатија, Томаш Петричек, кој посочува дека Чешка силно го поддржува процесот на проширување, но истовремено се противи на комплицирање на процесот.

„Меѓутоа постоечкиот текст со заклучоците подразбира понатамошни компликации на патот во процесот на проширување“, наведе Петричек.

Според него потребно повеќе време да се процени текстот и да се усогласат заклучоците и дека тие би требало да бидат усвоени на Советот за општи работи. И

Инаку реченицата за „погрешно толкување на историјата“ првпат беше употребена од Европската унија во 2018 во заклучоците на Европскиот совет за проширувањето. Тогаш, исто така под притисок на Бугарија, од збор до збор идентичната формулација беше употребена исклучиво за Македонија. Две години потоа барањето на Софија се најде во преамбулата за заклучоците за проширувањето иако целта на Бугарија е пристапувањето на Македонија.

Во заклучоците освен удоволување на Бугарија со вметнување на реченицата поврзана со историјата удоволено и е и на барањето за користење на полното име на земјава Република Северна Македонија иако за другите држави се користат кратките имиња.

Блокадата на заклучоците на Унијата за проширување, уследи по блокадата од Бугарија за преговарачката рамка за Македонија условена со билатерални и идентитетски прашања. Бугарското вето предизвика незадоволство и во германскиот Бундестаг при што одгвор тоа како таа да се надмине беше побаран и од канцеларката Ангела Меркел и тоа од членови на нејзината партија.

„Не успеавме секаде да постигнеме пробив, на пример за почеток на преговорите со Северна Македонија. Тоа е штета и уште еднаш доживеавме една злоупотреба на позицијата на една земја-членка против една земја-кандидат со наметнување на билатерални барања. И, мора јасно да се каже, со вршење притисок. Како ги оценувате шансите во блиска иднина да се надмине блокадата од Бугарија“, праша Гинтер Крихбаум, претседател на Комисија за односи со ЕУ во Бундестагот.

Одговорот на Меркел беше краток.

„Уште еднаш разговарав со бугарскиот премиер Бојко Борисов и се надевам дека овие прашања ќе се надминат во блиска иднина“, рече германската канцеларка.

Инаку првиот човек на Комисијата, Крихбаум, доаѓа од редовите на владеачката партија на Меркел.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Заменик градоначалникот на Прилеп со своја верзија за решението за дивоградба утврдена на негов објект- Антикорупциска испитува дали има судир на интереси

Дејан Дејан

Деребан: Одлуката на Управниот суд е конечна и правосилна, по неа треба да постапат Собранието и Судскиот совет

Дејан Дејан

„Класифицирани информации“- одговор на МВР на прашања за полициската контрола во Пулс кога се случи пожарот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе