Девет обвинети за злоупотреба на службена положба и перење пари и штета од 9 милиони евра содржи обвинението за случајот „Поштенска банка“. Пред повеќе од две години истрагата ја отвори СЈО а денеска обвинението е потпишано од обвинителството за организиран криминал. Обвинителот е ист, Бурим Рустеми.
Според обвинителството првообвинетиот Коле Смилевски во 2001 година како директор на Поштенска штедилницата, која била во државна сопственост, со обвинетите бизнисмени Томе Главчев и Ратко Димитровски го договориле начинот на кој при трансформација на штедилницата во банка, како основачи на Поштенска банка да се јават фирмите на обвинетите, „Ноел“ и „Европа 92“. Тоа според обвинението било направено на начин што биле прекршени законите а се товарат и дека овозможувале на друштва, што добиле кредити од банката, да не го враќаат долгот.
Воедно, К.С. без исполнување на законските услови, во неколку наврати одобрувал кредити на друштва, при што договарал долгот воопшто да не се враќа. Со ваквите дејствија била прибавена значителна имотна корист за друштвата, а парите, иако знаеле дека се прибавени со казниво дело – Злоупотреба на службена положба и овластување по чл.353 ст.4 вв со ст.3 вв со ст.1 од КЗ, биле примени и пуштени во оптек од страна на обвинетите Т.Г, З.Ш, В.Ш, Р.Д. В.Д.
Според соопштението, обвинетите во 2005 подигнале кредит од речиси 4 милиони евра од Еуростандард банка, кои не ги вратиле па Еуростандард станала сопственик на акциите на Поштенска банка, кои бизнисмените ги заложиле во Еуростандард кога го подигале кредитот.
Ако обвинението кое денеска го поднесе обвинителството биде потврдено и доколку обвинетите бидат правосилно осудени се предлага конфискација на имот. Обвинителството донело Наредба за проценка на замрзнатиот имот и евентуален дополнителен имот во сопственост на обвинетите со кој би се реализирала постапката за конфискација.
Истрагата за „Поштенска банка“ се споменуваше често и кога изби аферата „Рекет“ за екс специјалната обивнителка Катица Јанева. На судењето пред една година сведочеа и бизнисмените Томе Главчев и Зоранчо Митровски тогаш се уште осомничени во „Поштенска банка“. Медиумите пак објавија и дека екс директорот на МЕПСО, Сашо Василевски купил стан од фирма на Главчев за кој Јанева не доставила предлог да биде замрзнат.
СЈО привчно објави дека меѓу осомничените во Поштенска банка се и и поранешните премиери Љубчо Георгиевски и Никола Груевски, но за нив делото застарело. Тогаш и двајцата негираа дека учествувале во приватизацијата на „Поштенска банка“ или сториле нешто незаконско.
Елена Ивановска Мукоска