Од 58 држави, Македонија во математичка писменост на минатогодишното тестирање е на 45 место, а во природни науки е подолу рангирана – на 51-во место меѓу 58-те држави што учествуваа на тестирањето ТИМСС (TIMSS – Trends International Mathematics and Science Study).
Нашата земја досега учествуваше во четири ТИМСС-тестирања – во 1999, 2009 и 2011 беа тестирани осмоодделенци, а минатата 2019 година – четвртоодделенци.
Министерството за образование и наука посочува дека резултатите од овие меѓународни студии секогаш служат за креирање на промените што треба да се случат во сферата на образованието и дека треба да мотивираат да се одржи континуитетот во креирање и спроведување длабински образовни реформи во секој сегмент, на секое ниво и од секој аспект.
– Затоа веќе работиме на целосно нова концепција за основно образование која треба да го поттикне и изрази полниот потенцијал на секое дете. Исто така, треба да создаде идни генерации кои нема само да меморираат факти туку ќе носат заклучоци базирани на анализа на факти. Само преку ваков начин и пристап на креирање политики, оптимисти сме дека ќе продолжиме да одиме напред и на следното ТИМСС или кое било друго меѓународно тестирање на кое ќе учествуваме, соопшти МОН.
Во математичка писменост најдобри постигнувања на тестирањата имаат учениците од Сингапур, а по нив од Хонг Конг, Кина, Јапонија.
Помеѓу земјите од регионот, нашите ученици се подобри во математика од учениците од Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.