Македонија Најважни

Заев му прости на Каракачанов и се уште не губи надеж дека Бугарија нема да блокира

Премиерот Зоран Заев не го напушта оптимизмот дека Бугарија може да се премисли и да го крене ветото во ЕУ за земјава идната недела. Тој тоа денеска го повтори дури двапати, во одделни  изјави, иако како што вели не би бил изнанаден тоа да не се случи и прашањето да се одложи за идната година.

„Знаејќи ја суштината на разговорите нема да не изненади и треба да бидеме подготвени дека ќе се одложи ова прашање. Бугарија имаше разбирање кога беа изборите во Северна Македонија. Има избори пред Бугарија, не велам дека тоа е причината, но велам дека не е исто кога сте пред избори и кога не сте пред избори. Треба да дадеме шанса заради тоа што сме соседи“, рече Заев.

Она за што Заев вели дека нема да се даде шанса е преговарање за придавката „македонски“, утврдена со Договорот од Преспа дека се користи за означување на јазикот, културата, историјата како македонски.

Придавката македонски е последниот камен на сопнување во Комисијата за историја откако бугарската страна бара во записниците на Комисијата да не стои придавката „македонски“ за јазикот. Членот на бугарскиот дел од Комисијата, Кирил Топалов, за бугарски весник „24 Часа“ пак изјави дека бугарската страна бара македонскиот јазик да почне да се именува како „северномакедонски“, велејќи дека неговите македонските колеги се држеле до стари навики да си го именуваат јазикот како „македонски“.

„Но кога зборуваме за македонската историја, кога зборуваме за македонската политика, за македонскиот исток, како што ни е Штип, кога зборуваме за македонскиот народ , кога зборуваме за македонско, Македонец, македонска, македонско или слично, секако придавката е идентитетска и таа е јасно дефинирана и во овој дел, апсолутно нема никакви дилеми“, рече Заев.

Заев пак за последниот состанок на мешовитата Комисија, која вчера заврши со, како што соопшти самата, нула напредок, немала храброст, инвентивност и снаодливост да направи исчекор.

Тој денеска во живо и јавно во интервју за радио „Канал 77“ се соочи со бугарскиот вицепремиер, Красимир Каракачанов, при што ги закопаа секирите и се договорија дека низ заедничко пријателско, кафе, чај или ракија ќе бараат решение.

„Ние се познаваме со премиерот Заев и се надевам дека нема да ми се налути ако кажам дека дури сме и пријатели. Многу пати сме се виделе и како што е на Баланот и во Македонија, кога сме разговарале секој пат сме пиеле по една две ракии, чисто човечки и пријателски…“, рече Каракачанов.

“Тиквешка ракија“, дофрли Заев, на што Каракачанов рече: „Јас го пијам истото“.

Каракчанов во интервјуто рече дека тој никогаш не употребил навредливи зборови за Макдонија или нејзин политичар, иако пред само 10-на дена му пораќа на Заев дека „доцни со паметот“.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Штипјанец кој палел огномети, со години ја лажел полицијата дека има фирма за таа намена

Дејан Дејан

Трамп и Путин согласни за крај на војната во Украина

Дејан Дејан

Тахири: Ова е политички момент кој Таравари ќе сака да го употреби за да го оправда неговото политичко дејстувување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе