По измените на Деловникот, уште една блокада во Собранието. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднела над 500 амандмани на Законот за здраствена заштита, со со кој се предвидува за лекарите да не важи задолжителното пензионирање на 64 години. СДСМ обвини дека со ова продолжува неодговорното и несериозно однесување на опозицијата .
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека освен Деловникот, ниту еден друг закон не е блокиран од нивна страна.
Опозицијата од албанскиот политички блок ќе даде подршка само на оние закони кои се од интерес на граѓаните.
Неизвесно е и носењето на Законот за финансиска подршка со кој ранливите категории треба да добијат помош од 6.000 денари. Неговото усвојување зависи од обезбедувањето кворум за гласање. Од Владата велат дека тие неколку пати испраќале пораки до пратениците да бидат конструктивни, затоа што не е можно да се пролонгира рокот од 25 декември до кога граѓаните треба да ги потрошат парите, поради тоа што мерките се проектирани со буџетот за оваа година.
Се проблематизира и продолжувањето на кризната состојба во државата за 6 месеци. Некои партии сметаат дека одлуката треба да се носи на месечно ниво. И за нејзино усвојување владејачкото мнозинство треба да обезбеди 61 глас, што е многу неизвесно со оглед на тоа што има пратеници кои се изолација поради Ковид-19 а не се во можност ниту да гласаат онлајн.
Јулијана Пешевска