Поранешниот вицепремиер Васко Наумовски во вечерашното гостување во Топ Тема оцени дека последните случувања во преговорите со Бугарија не треба да се гледаат одделно од преговорите со Грција во спорот за името.
Тоа не треба да го разгледуваме одделно од тоа што се случуваше во преговорите со Грција и склучувањето на преспанскиот договор, имајќи предвид дека бугарската страна веројатно смета дека при склучувањето на договорот во 2017 година, можеби и не добила доволно отстапки од наша страна, налик на она што го доби Грција. Сега бугарската страна веројатно смета дека моментот пред започнување на преговорите е вистинскиот момент кога треба да се изврши дополнителен притисок врз нас, врз Македонија, да направиме дополнителни отстапки, смета Наумовски.
Наумовски предупреди дека доколку сите тие документи, патокази, меморандуми или протоколи, предвидуваат нови отстапки од наша страна, во тој случај треба сериозно да се размисли пред да се пристапи кон нивно потпишување.
Според него, во ситуација кога земјата е под притисок од соседна држава во процесот на евроитеграцијата, потребно е искрено да се разговара за да се зајакнат преговарачките позиции.
Собраниските седници или пак седниците на Комисијата за надворешна политика или Комисијата за европски прашања или Националниот совет за евроитеграција можат да бидат и затворени, политичките партии отворено да разговараат и да можат да постигнат еден вид на консензус со што ќе ги зајакнат нашите преговарачки позиции, вели Наумовски.