Во последниот натпревар од Б групата што се играше во Талин, Италија ја совлада Русија со 70:66 и го задржа перфектниот скор во досегашниот тек од квалификациите за Европското првенство во кошарка што ќе се одржи во 2022 година.
Најефикасен во победничкиот тим со 27 поени беше Амедео Теситори додека Џампаоло Ричи беше стрелец на 12. Во составот на Русија прв стрелец со 11 поени беше Андреј Воронцевич.
Овој циклус на натпревари без пораз го заврши и селекцијата на Грузија која славеше над Швајцарија со 91:84.
Репрезентациите на Грузија и Италија уште пред почетокот на квалификациите обезбедија настап на континенталниот шампионат со оглед на фактот дека двете земји ќе бидат домаќини во првата фаза од Европското првенство.
Учество во завршницата може да обезбедат уште Израел со евентуален триумф во вечерашното соочување со Романија и Словенија чие учество зависи од победата на Украина во мечот против Австрија.