Уште двајца битолчани ноќеска починаа во Регионалниот ковид центар во Битола поради компликации од вирусот. Пациентите се на возраст од 73 и 82 години
Од почетокот на пандемијата до денес битката со коронавирусот ја изгубила вкупно 49 битолчани, а повеќе од половина се од почетокот на месецов. Најголем број починати, 12, се во последните три дена.
Најмалдиот пациент од оние кои ја изгубиле битката со вирусот бил на 44 години, највозраснијот 88 години.
Инаку во Битола во моментот има 625 активни случаи. Голем број заболени има во повеќето институции во градот, но и приватни компании.
И битолскиот театар кој денес одбележува 76 години од своето постоење, поради заболени актери, веќе две недели е под клуч.
Позитивни има и вработени во битолските градинки. 14 негувателки и воспитувачки се заразиле со вирусот, а 120 деца се во изолација. Во училиштата во Битола каде 1460 ученици следат настава со физичко присуство, 5 се позитивни на вирусот и 7 наставници.
На Инфективното одделение во битолската болница денес има вкупни 78 хоспитализирани пациенти, а од понеделник дел од КОВИД центарот ќе биде и одделението за физикална медицина со што во Битола вкупно на располагање ќе бидат над 100 болнички кревети.
Емилија Мисирлиевска