И покрај вакцината, не чека тешка зима, вели професор Угур Сахин, кој заедно со својата сопруга се мозоците на, во моментов, најефикасната вакцина против вирусот кој веќе осум месеци владее во светот. Тој вели дека се чека од регулаторните тела да дадат одобрување. Тоа би одело брзо со оглед на ситуацијата, па најверојатно светот би можел да здивне на пролет наредната година.
Најрано кога би можело да се доставува вакцината е средина на декември. Но, тоа не значи дека ситуацијата драматично би се сменила, затоа мора да очекуваме дека ова ќе биде многу тешка зима. Ќе стане полошо пред да биде подобро. Олеснувањето би можеле да го очекуваме во март или почетокот на април, а подобра контрола на ситуацијата би имале на средина од наредната година, вели професор Угур Сахин, директор на фармацевтската компанија „Бионтех“.
Но, дотогаш, најидеално би било да носиме маска, и да останеме дисциплинирани, вели Сахин. Во меѓувреме, се полнат европските болници и покрај строгите мерки и различните стратегии кои земјите ги преземаат. Докторите на кои болниците им станаа веќе и домови, најмногу се надеваат дека карантините и полициските часови ќе дадат ефект. Но, во регионот мерките како да не можат да го стасаат вирусот.
Словенија, чиј здравствен систем е еден од најдобрите во Европа, веќе е на колена. Во изминатотот деноноќие, јавува за рекордни 41 починати, но и речиси две илјади позитивни случаи. Различни се мислењата во Словенија за тоа дали да се продолжат мерките, бидејќи никој не е сигурен дали е достигнат врвот на епидемијата.
Хрватска е во најтешкиот момент на епидемијата, рече премиерот Пленковиќ, со повеќе од 3.000 новозаболени денеска, повика да се почитуваат мерките. Короната тука сега најмногу се шири меѓу Далматинците, каде половина од тестираните се позитивни.
Во Белград веќе нема место за нови ковид пациенти, а се чека одлука за заострување на мерките.
Грција е во карантин, во надеж дека ќе ја смири инфекцијата и ќе ги олабави болничките капацитети. За ширењето на вирусот, премиерот ги обвини младите кои не ги почитуваат мерките.
Основната причина за ширење на вирусот во Грција и низ цела Европа се младите луѓе кои се забавуваа. Не го велам ова како критика, секако младите се подложни на вакви однесувања, но само е забелешка која мора да се слушне, рече Мицотакис.
Здравствените системи насекаде се пред колапс, додека вирусот се шири неконтролирано најмногу преку групирања и контакти со луѓе кои не ги познаваме.
Алиса Шутиноска