Џo Бајден го поминуваше утрото со своето семејство во неговиот дом во Делавер кога ја слушна веста дека е прогласен за победник на неговата родна Пенсилванија и ќе биде 46-от претседател на Соединетите држави. Официјален претставник на Си-ен-ен изјави дека тој вечерва ќе и се обрати на нацијата. Бајден во Пенсилванија доби 20 електорски гласови, со што сега има вкупно 273 електорски гласови, а Трамп е зад него со 214. Според проекциите на Си-Ен-Ен, Бајден ги има неопходните 270 електорски гласови за влез во Белата куќа.
„Почестен сум бидејќи ме избравте да ја водам ваша земја“, се огласи на Твитер Бајден. „Работата пред нас е тешка но ви го ветувам следново: Ќе бидам претседател на сите Американци, без разлика на тоа дали сте гласале за мене или не“.
Тој вчера го пресврте резултатот во две клучни држави. Прво во Џорџија, а потоа и во Пенсилванија. Во синоќешниот говор кој граѓаните го следеа и од пред Белата куќа рече дека нема да објави конечна победа, но дека ќе победи во оваа трка.
- Се уште немаме конечна изјава за победа, но бројките ни велат дека тоа е јасно. Јасна и убедлива е приказната дека ќе победиме во оваа трка. Погледнете само што се случи вчера. 24 часа заостанувавме во Џорџија, сега напредуваме и победуваме во таа држава. Пред 24 часа заостанувавме во Пенсилванија и победуваме во Пенсилванија. А сега само напред. Повторно победуваме во Аризона. Исто и во Невада. Всушност нашето водство само што се удвои во Невада. На пат сме да добиеме повеќе од 300 електорски гласови, гласови на изборните колеџи – Џо Бајден, демократски кандидат за претседател на САД.
Пред да стане претседателски кандидат на Демократската партија, Бајден беше потпретседател во времето на претседателствувањето на Барак Обама. Тој е исто така е најдолговечниот сенатор во Делавер.
Во текот на целата своја кампања, Бајден тврдепе дека „душата на нацијата“ е доведена во прашање и вети дека ќе се обиде да ја залечи земја која е скршена од претседателствувањето на Трамп.
Додека во штабот на Бајден се подготвува говорот на идниот претседател, Трамп, кој е многу активен на интернет, на Твитер порача: Убедливо победив на изборите. Тој најави дека неговиот правен тим ќе поднесе повеќе тужби во судовите за ги оспори резултатите.
Пребројувањето на гласовите продолжува во Пенсиланија, Џорџија, Аризона, Неведа, по што ќе следи и офивијална потврда на резултатите.
Историски момент е и тоа што САД по првпат ќе има жена потпретседател на државата, Камaла Харис, која е со афроамериканско и индиско потекло. Таа само што објави твит во кој вели: Овие избори се многу повеќе од Јо Бајден или мене. Станува збор за душата на Америка и нашата подготвеност да се бориме за тоа. Ни претстои многу работа. Да почнеме“, објави таа.
Изборот на Џо Бајден и Камaла Харис е карта за создавање историја, одрекувањето од Трамп е нова страница за Америка, напиша поранешната кандидатка за претседател Хилари Клинтон.
Билјана Ставрова