Есенскиот бран донесе зголемен број на нови случаи и урна многу црни рекорди од почетокот на пандемијата. Ги наполни и лабораториите. Но, и покрај огромниот број на побарани термини за тестирање досега – капацитети има, смируваат здравствените власти. Од Министерството за здравство велат дека сите државни лаборатории располагаат со доволен број на тестови за Ковид.
На почетокот на минатата недела во Институтот за јавно здравје функционира уште едно приемно одделение со лаборант и администратор. Во вчерашната статистика, од вкупно направени 3294 тестирања, во државните лаборатории беа направени скоро 1800 теста, од кои само 1310 во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, каде деновиве речиси двојно е зголемен капацитетот, велат од министерството за здравство.
За разлика од вчера, во денешниот Ковид-извештај пишува дека се направени 2449 тестирања. Вкупно 1201 тест во државните лаборатории, а од нив 809 во Институтот за јавно здравје.
А, од утре започнува и спроведувањето на брзи рапид тестови за Корона. Брисови ќе се земаат во пункт во поликлиниката Ѓорче Петров, а резултатите ќе бидат готови за петнаесетина минути.
Брзите тестови ќе чинат илјада денари, сума многу пониска од оние три до четири илјади денари коишто граѓаните мораат да ги издвојат од свој џеб за да се тестираат на приватно.
„Од завчера, од петокот веќе започнавме со телефонско закажување за брзите тестови во Поликлиниката Ѓорче Петров. Термините се веќе исполнети за оваа недела којашто доаѓа. Брзите тестови се пристигнати, екипите се обучени, земени се осум тестови коишто потоа се пратени во Институтот за јавно здравје каде што е направен и PCR тест“ изјави доктор Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом – Скопје.
Во меѓувреме, јавноста ги очекува и вакцините за сезонски грип. Доцнат, но пратката со вакцини се очекува да пристигне за помалку од десет дена и веднаш ќе се започне со вакцинација вели директорот на Здравствен дом, Исјановски.
„Се надеваме дека од деветти ноември веќе ќе започне вакцинирањето. Веќе ги чекаме вакцините. Штом дојдат вакцините во Здравствениот дом – Скопје, ќе започнеме со вакцинирање. Вакцинирањето ќе се одвива од 12 часот до 19 часот“ вели доктор Виктор Исјановски, директорот на Здравствениот дом – Скопје.
Лани вакцина против сезонски грип се примаше на три пункта. Годинава двојно е зголемен бројот – шест, во поголемите поликлиники.
Петар Догов