СОНК бара плус пари за наставниците со повеќе часови и нов прекин на физичката настава- Царовска вели училиштата се безбедни, а надоместоците се даваат од општински каси
СОНК пресмета дека има наставници кои поради новиот корона-начин на организирање паралелки во училиштата имаат прекувремени часови кои според законот и Колективниот договор треба да се исплатат за да нема тужби и преговарања по училишни одбори.
Таа пресметка треба да се уфрли во октомвриската плата која ќе се исплаќа од понеделник- вели претседателот на СОНК Неделков иако во општините добил информации дека нема пари за прекувремено.
-Бараме од директорите оваа дополнителна работа да ја пресемтаат и да ја стават како додаток на плата заради зголемен обем на работа односно прекувремена работа. Постои таков основ во Законот за работни односи и во Општиот колективен договор, каде што е утврдено колкаво е зголемувањето на плата по основ на прекувремена работа. Од теренот имаме информирации дека одредени директори ова не сакаат да го спроведат. Некои тврдат дека немале зголемен обем на работа и дека е нормално еден наставник дупло да работи со двете групи, училишта во некои општини кажуваат дека немаат пари, а трети дека ќе им дале слободни денови на вработените за извршената дополнителна работа, изјави претседателот на СОНК Јаким Неделков кој нагласува дека тие три аргументи се неприфатливи за синдикатот.
Неделков не соопшти колку наставници се со прекувремени часови и дали се само оние кои држат физичка настава.
Министерката Царовска вели дека пред десетина дена општините добиле известување да го почитуваат законот за основно образование и доколку имаат потреба да примат дополнителни наставници или да ангажираат преку туторство студенти. Сите што имаат повеќе од 23 училишни часа имаат право да бараат надоместок за прекувремено, рече Царовска.
-Уучилиштата каде што има доказ за надминување на часовите, согласно Закон за работни односи треба да ги исплатат прекувремените работни часови.Но, тоа е однос меѓу локалната единица на синдикатот и директорот на училиштето. Јас ги поттикнувам да седнат и заеднички да ги надминуваат овие прашања. Ве уверувам дека нема голем број на училишта каде имаме надминувања на бројот на часови, изјави министерката Мила Царовска која нагласи дека и за вонредни вработувања и други трошоци со ребалансот на државниот, буџетот во образованието е зголемен за 2%.
Неделков рече и дека сите наставници кои сакаат треба да предаваат од дома, за да не се мешаат, а повика и да се преиспита одлуката за физичка настава до 3 одделение, но од МОН велат дека образованието мора да продолжи, а училиштатат се безбедни.
-Апелираме и до МОН да ја преиспита можноста за прераспределба на работните обврски на наставниците кои работат од прво до трето одделение, односно да не продолжи наставата со физичко присуство, туку онлајн. Ова особено важи за хронично болни наставници и други вработени во училиштата. Според наши сознанија, во ниту едно училиште не е направена проценка на ризик за здравјето и опасноста од КОВИД-19, истакна Неделков.
-На почетокот на оваа недела известивме колкав е процентот од вкупен број на ученици и ќе видите дека 0,05 проценти е заразеност кај ученици и 0,6 проценти е кај наставници. Што значи не надминуваме ниту еден процент, немаме ширење на ковид во училиштата внатре. Се додека не се создадат услови за затворање ние би останале на овој модел. Сите држави во светот, а секако и СЗО и УНИЦЕФ препорачуваат училиштата да останат отворени. Секаде во свет се отворени. Ние немаме голем број. Тоа што е важно за нашиот систем, за нашата држава е да имаме континуитет во наставата и ние ќе се залагаме за истото, затоа што и во потешки времиња училиштата останувале отворени за да немаме изгубени генерации, рече министерката Царовска.
Во училиштата во моментот има регистрирано позитивни и активни случаи, но станува збор за мал процент.
-Заклучно со вчера има 60 заразени деца во цела држава и 160 заразени наставници во цела држава, тоа се активни случаи од физичка настава, изјави Царовска.
Според Царовска, Министерството и СОНК се во постојан контакт и синдикалците се известени за сите активности во образовниот процес.
Миомир Серафиновиќ