Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е примен на ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје поради висока температура.
Од МВР истакнаа дека здравствената состојба на министерот е стабилна.
Имено, Спасовски на неговиот фејсбук-профил во понеделникот соопшти дека е позитивен на Ковид-19.
– Почитувани, би сакал да ве информирам дека и покрај строгото почитување на мерките коишто ги превземам за моја лична и заштита на луѓето околу мене од почетокот на пандемијата, вечерва добив позитивен резултат за Ковид 19. Клиничката слика ми е добра, со благи симптоми и веќе сум во домашна самоизолација, наведе министерот на Фејсбук.
Нема некоја значајна компликација на здравствената состојба на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој со Ковид-19 е хоспитализиран на Инфективната клиника.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче по седницата на Советот за безбедност.
– Спасовски е хоспитализиран од вчера. Неговата здравствена состојба е стабилна, има зголемена телесна температура, меѓутоа нема некоја значајна компликација на здравствената состојба, рече Филипче.