Додека здравствените работници и научниците се борат со вирусот Ковид 19 кој го парализираше целиот свет, цела војска лажни информации и шпекулации на социјалните мрежи дополнително ја влошуваат состојбата.
Бројките на заразени во земјава рапидно растат. Самите институции би требало да бидат поригорозни во спроведување на мерките кои ги предлагаат и луѓето треба да сфатат дека нивното своеволие го загрозува и индивидуалното и колективното здравје, смета социологот Ацевски.
Граѓаните треба со резерва да приоѓаат кон мноштвото информации на интернет, смета тој.
Некои ја немаат таа способност за рационална аналитичност и се убедуваат себе дека тоа што се случува на светско ниво е една обична завера и дека некој се крие позади тоа и дека нема никаква опасност за луѓето. Има една поволна почва, тло кај обичниот човек дека тоа не е ништо страшно, а тоа како што гледаме сега има тешки последици на еден глобален план, вели социологот, Илија Ацевски.
Здравствените работници се веќе исцрпени, во континуитет даваат максимум и капацитетот на медицински лица е ограничен. Граѓаните треба да бидат свесни за за штетата и влијанието на лажните вести, шпекулации кои дополнително ја прават ситуацијата алармантна, смета пулмологот и алерголог Дејан Докиќ .
Дури и интелектуалци можам да кажам и сум изненаден дека често не се во состојба да ги согледаат вистинските последици од ова. Тоа е едно, а второ и медиумите што им даваат простор на таквите луѓе да можат своите ставови да ги изјаснат јавно. Сите заедно треба да се обединиме кон сузбивање на оваа епидемија, а не кон дезинформации и создавање лажни илузии кај народот, оцени пулмологот и алерголог, д-р Дејан Докиќ.
За стручњаците најважно е навремено да се детектираат сите дезинформации и манипулации за Корона вирусот кои се шират со неверојатна брзина исто како и пандемијата.
Тие апелираат дека граѓаните треба да ги почитуваат мерките, кои не ја загрозуваат нивната слобода, туку се начин за да се заштити нивното здравје.
Нина Стефанова