Со речиси 280 активни слуачи на КОВИД-19, Прилеп е високо на листата на градови по лица кај кои болеста е во тек. . Драматичниот пораст и вчерашниот рекорден број од 41 заболен, го вклучија алармот кај надлежните, а од Кризниот штаб најавија дека строго ќе се контролира спроведувањето на мерките и препораките во сите сегменти. Позитивни на вирусот се наставници од основни училишта кои држале настава со физичко присуство, негувателки и воспитувачки од градинки.
Во изолација се над 60 деца. Поради позитивни вработени, затворени се две текстилни фабрики, а заразени се и 10 здравствени работници од прилепската болница што ја отежнува работата. Во овој град во изолација се околу 600 граѓани.
Во Битола има 159 активни случаи, а од Кризниот штаб информираа дека бројот во последните три недели е двојно зголемен. Од битолскиот центар за јавно здравје посочуваат дека најголем проблем во Битола останува криењето контакти со што не може да се добие целосна епидемиолошка слика на заболените
Сосотојбата е загрижувачка и во Ресен, каде секојдневно расте бројот на заболени. Во моментот има 50 активни случаи, а најголем е текстилниот кластер со 17 заразени работнички. И од ресенскиот кризен штаб упатија препораки за почитување на мерките.
Во Инфективното одделение во Битолската болница, кое е Регионален ковид центар, хоспитализирани се 43 пациенти од југозападниот регион, капацитетите секојдневно се полнат, а покрај инфектолози, по систем на ротација вклучени се лекари и медицински сестри од другите одделенија.
Емилија Мисирлиевски