Три медицински сестри на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје се заболени од корона додека директорката Викторија Јованова и уште еден гинеколог се во самоизолација. Сите се во изолација или заболени поради болест на членови на своите семејства, тврди директорката Јованова во телефонски разговор за Телма. Едната медицинска сестра се разболела од своето дете, другата од брат. Двете имале поблаги симптоми, но биле во стабилна состојба.
Директорката Јованова заминала во изолација бидејќи три блиски члена од нејзиното семејство и биле болни (мајка и, сестра и, внук од сестра), но нејзиниот тест е негативен. Лекарот чија сопруга била заболена исто така е негативен.
-Клиниката е гинеколошки ковид центар и работи без проблеми. Сите заштитни мерки се запазени, а се вршат породувања на пациентките со КОВИД 19. На ГАК се носат и родилки од приватните болници кои се позитивни на вирусот, ни изјави телефонски директорката Јованова.
Во МВР постојано бројката на заразени се движи меѓу 80 и 120 активни случаи. Утринава во здравствениот билтен на МВР стоеле 110 припадници на полицијата и на министерството кои се активни носители на корона вирусот.
Во градинките пак за последните 7 дена се регистрирани 4 заразени деца и 22 позитивни вработени во градинките низ цела држава.
Бројката изминатата недела покажува зголемување на заразени меѓу вработените, затоа што според статистиките на Министерството за труд од отварањето на градинките пред месец и пол досега има вкупно 67 регистрирани случаи на позитивни на корона вработени, а една третина од нив се случаи кои се откриени последната седмица(за пет недели-45,во последната недела-22)
Од 9-ти септември до сега се заразени 20 деца, а во моментот во изолација се 383 деца и 67 вработени во градинките поради контакт со заразено лице за време на престојот.
Во училиштата, во паралелките каде се посетува физичка настава денеска се потврдени три ученици и 4 наставници кои се позитивни на корона вирусот. Оние што посетувале настава со нив се праќаат во изолација.
Миомир Серафиновиќ