Не сте подготвени за вториот бран на Ковид-19. Ова е најновото предупредување од официјален Брисел до земјите членки на ЕУ, каде бројот на заболени секојдневно бележи рекорди, поради што ситуацијата е деликатна. Потребна е заедничка стратегија, а спасот не е само во вакцината, туку во подготвеноста на луѓето да се вакцинираат.
Ударот од пандемијата врз економијата и општеството е без преседан. Додека еволуцијата на пандемијата се враќа на ниво на март, нашата состојба на подготвеност не е на тогашното ниво, рече потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас.
Во обид да се најде ново решение за справување со есенскиот бран, ЕК предлага заедничка стратегија за пандемијата и да избегне хаотичноста на различни мерки кои се спроведуваа во првите месеци од пандемијата во Европа. Главна цел е да се обезбеди сигурна вакцина, но дотогаш мора да има координираност во спроведување на мерките.
Вакцинацијата нема да е брзо решение, но ќе игра централна улога во спасување на животите од пандемијата, во заштита на здравствените системи, и ќе помогне во обновување на нашата економија. На граѓаните ќе им даде надеж, и она што им треба, а тоа е предвидливост во нивните животи, изјави Стела Киријакидис, ЕУ комесар за здравство.
Поради тоа, ЕУ мора да е координирана во распределување на вакцината кога ќе биде готова и безбедна за користење, и за најприоритетните групи. Склучени се договори за набавка на една милијарда доза од вакцините. ЕК предупреди и за можните последици од карантините кои дел од земјите веќе почнаа да ги спроведуваат.
Во меѓувреме, 18 милиони жители од осум француски метрополи од сабота па се до почетокот на декември нема да можат да се забавуваат по 21 часот. Макрон воведува полициски час во градовите каде инфекцијата најмногу се шири, а на дневно ниво се регистрираат по 20 илјади заболени. Болниците се со преполн капацитет, што ги наведе властите да спроведат истрага дали е потфрлено во справувањето со епидемијата во земјата. Утринава извршен е претрес во домовите на министерот за здравство како и на претходниот премиер..
Ситуацијата е загрижувачка и во останатите европски држави, па се ограничува работното време на баровите и рестораните, каде на дружбата со чашка алкохол се гледа како најголеми причина за ширење на инфекцијата.
Алиса Шутиноска