На сите би ви дал еден дебел бакнеж. Имун сум на болеста – вака американскиот претседател им ја изрази љубовта на своите приврзаници во Санфорд Флорида, на првиот митинг откако пред две недели соопшти дека е позитивен на КОВИД 19.
Доналд Трамп, во обид да го спаси претседателскто столче, се врати во изборната трка, и френетично го најави изборниот ден како голема победа. Не носеше заштитна маска, се фалеше дека одлично се справува со епидемијата, го исмеваше противкандидатот Џо Бајден, а на присутните им фрлаше и маски.
Една убава работа за мене е што поминав низ тоа. Сега велат дека сум имун. Чувствувам, се чувствувам моќен, би влегол во публиката, би влегол и би ги бакнал сите таму. И момчињата и убавите жени и сите. Би ви дал голем дебел бакнеж.
Настанот, според аналитичарите, е одлично место за супер ширење на инфекцијата. На Трамп како да не му е многу грижа што од болеста во Америка починаа 215 илјади луѓе, иако тој на митингот им кажа дека ги почитува сите Американци, и дека тоа е една љубовна гозба која трае 4 години.
Неговиот ривал, Џо Бајден, на собирот во Охајо, го обвини Трамп за „непромислен“, бидејќи се уште никој од докторите не потврдил дека претседателот е негативен на вирусот. Трамп е во паника вели Бајден.
Трамп паничи. Трамп е оној кој паничи, едноставно непромислено однесување од неговата дијагноза исто така, која е несовесна. Колку подолго Доналд Трам е претседател, толку понепромислен станува, порача Бајден.
Во меѓувреме, над десет милиони Американци веќе гласаа на претседателските избори по пошта. Доставени се над десет милиони ливчиња. Локалните власти на Џорџија, Вирџинија и Охајо пријавија рекордна излезност.
Последните анкети велат дека Џо Бајден полека ја зголемува предноста пред Трамп во клучните сојузни држави, како Висконсин и Пенсилванија – што веројатно го вклучи алармот во републиканскиот табор, Трамп сепак да биде виден во јавноста и да се соочи со симпатизерите. Санфорд на Флорида е само првата станица на Трамп во неговата активна недела – го чекаат митинзи во Ајова, Пенсилванија, Северна Каролина и Висконсин.
Алиса Шутиноска