Нема да има полициски час, но ќе има намалување на работата на локалите во предлогот кој Комисијата за заразни болести утре ќе го достави до владата за да се намали ударот на есенскиот бран на коронавирусот. Од Комисијата за Телма велат дека непочитувањето на мерките не може повеќе да се толерира. Мерки ќе има и за јавниот превоз, како и за органзиирање на настани.
Намалување на работно време на угостителските објекти дефинитиво ќе биде мерка која Комисијата за заразни болести ќе и ја предложи на владата за да се намали есенскиот бран на коронавирусот. Откако викендов Комисијата ги сумира податоците за состојбата со вирусот утре рано изутрина на состанок таа ќе ги даде конечните предлози, меѓу кои најверојатно ќе се најдат и мерки за организирање на градскиот и меѓугарадскиот превоз, како и забрана за јавни настани.
„Такви рестриктивни мерки од типот на полициски час, да не се работи три дена, да се седи дома и т.н. тоа сигурно нема да биде предложено и спроведено. Но скратено работно време на локалите, тоа сигурно ќе биде. Сите овие настани, што не мораа да се одржат – не мораше Владо Георгиев да доаѓа и да пее – тоа ќе се укине. Ќе има рестриктивни мерки, нема да бидат како во првиот бран, но ќе бидат“, вели за Телма Александар Стојанов, директор на Центар за јавно здравје – Скопје.
Работењето на угостителите се најде дневен ред на Комисијата откако почнаа да растат бројките на новозаболени со коронавиру, а дел од локалите не престанаа со организирање масовни забави, и на затворено, без почитување на мерките.
„За тоа се тие протоколи да се намали инциденцата, да се намали преносот на инфекција. Ги добија мерките за да не ги почитуваат. Е па сега, со убедување, седум месеци се убедуваме, оставате на свест на луѓето, луѓето си тераат како ништо да не било. Сега они ги ставаат казните во цехот на свадбата и продолжуваат понатаму. Заначи треба нешто дефинитивно да се направи околу таа работа“, е ставот на Стојанов.
За домашните забави и веселби за кои се уште не постои законска можност за санкционирање Стојанов вели дека тоа е во рацете на законодавците, а за свеста на луѓето вели дека е на многу ниско ниво.
Таму пак каде се почитуваат мерките бројките покажуваат дека заразата е под контрола. Стојанов како такви ги посочи градинките каде досега имале само девет деца позитивни на вирусот, кој го донеле од дома, а не го пренеле на другите во групата.
Сепак и градинките и училиштата се под закана да бидат затворени доколку епидемиолошката слика продолжи да се влошува, пред се со непочитување на мерките и протоколите од самите граѓани.
Тамара Грнчароска