И покрај сите предизвици кои ги постави почетокот на новата учебна година, 1 октомври го означува стартот на едно ново поглавје во македонското образование. Покрај училиштата, со работа ќе започнат и студентските и училишните домови, кои како установи од јавен интерес обезбедуваат сместување за околу 12.000 студенти на територијата на градот Скопје. Заради капацитативната специфика во услови на пандемија, овие установи ќе имаат посебни протоколи за нивното функционирање што ќе подразбира високо ниво на хигиена и честа дезинфекција. За таа цел, „Алкалоид АД Скопје“ донираше производи од својата палета антисептички и дезинфекциски средства.
„Донацијата на средства за дезинфекција од компанијата ‘Алкалоид’ не само што ќе го заштити здравјето на учениците, студентите и вработените туку и ќе го олесни спроведувањето на протоколите. Се надевам дека истите ќе се сфатат сериозно и ќе се почитуваат бидејќи тоа е единствениот начин да ја надминеме оваа состојба и да ги заштитиме нашите најблиски“ – изјави Дарио Николовски, директор на „Државен студентски дом“ Скопје.
Донацијата која „Алкалоид АД Скопје“ ја намени за студентските и училишните домови во Скопје се состои од 16.000 литри антисепички средства („MEDICAL®“ гел и „ЕCOSAL Forte® “ полиалкохолен раствор) и 17.100 литри готов раствор за чистење и дезинфекција „DEZINTAL® 0,2%“ во вкупен износ од близу 5 милиони денари.