Фудбалерите на Шкендија се единствените претставници на македонскиот фудбал во европските клупски натпреварувања за оваа сезона.
Тетовскиот состав утре на арената Тодор Проески во Скопје го пречекуваат Тотенхем.
“Натпреварот е специфичен бидејќи сите знаеме кој е Тотенхем и што тие претставуваат. Ние сме подготвени и знам дека утре ќе дадеме максимум и ќе видиме дали тоа ќе биде доволно. Свесни сме за големата разлика меѓу двата клуба, сепак мора да пробаме да бидеме дисциплинирани и да ги завршиме нашите задачи. Знаеме дека изненадувања се случуваат. Кога даваш максимум и играш најдобро што можеш, судбината е таква да ги поврзе коцките и да ти понуди да играш со еден од најдобрите тренери во светот. Тоа е голема чест”, изјави тренерот на Шкендија, Ернест Ѓока.
Максимално подготвени за дуелот со големиот противник се и фудбалерите кои ќе имаат можност да се соочат со еден од најдобрите тимови во Премиер лигата и состав кој минатата година играше во финалето од Лигата на шампионите.
“Ние фудбалерите сме подготвени да дадеме максимум. Тотенхем е голем фаворит, но ние нема да излеземе на терен со бело знаме. Во фудбалот се случуваат изненадувања, а ние ќе дадеме се од себе да дојдеме до тоа. Свесен сум дека Тотенхем има многу добри фудбалери кои секоја недела играат против многу подобри тимови од нас. Сум играл многу силни натпревари со Македонија и Шкендија изминативе години. Имам добри натпревари против одлични фудбалери како Левандовски и Арнаутовиќ. Вистина е дека досега Кејн сум го видел само на телевизија, но нивниот квалитет нема да не спречи да дадеме максимум и пак ќе повторам дали тоа ќе е доволно на крајот”, рече Егзон Бејтулаи.
Дуелот се игра утре и почнува во 20 часот.
ФОТО: Игор Паневски