Во Македонија има селективна правда, силен политички притисок и реваншизам од власта кон неистомилениците а невини луѓе се во затвор поради политички прогон.
Ова се дел од пораките кои што ги испрати лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешниот протест под мотото “Против неправдите, реваншизмот и политичкиот прогон“.
Тој испорача четири конретни барања до Владата и тоа, независен јавен обвинител предложен од опозицијата, крај на притисоците и политичките етикетирања во администрацијата, војската и МВР, формирање на Комисија за заштита од дискриминација и ревизија на сите предмети за кои сметаат дека требало да бидат отворени а не биле, меѓу кои и оние за масовното прислушување на граѓаните, новинарите, судиите и обвинителите.
Карактеристично за овој протест е што отворно беше дадена поддршка на лицата осудени за насилствата во Собранието од 27-ми април како и за Гордана Јанкуловска.
Пред присутните се обрати и пратеникот Игор Дурловски, кој порача дека вистината можеби сега е закопана но никој не може да спречи да се дознае.
Тој најави дека ќе се бори за неговите сопартијци кои се политички прогонувани и според него неправедно осудени.
Покрај протестите продолжуваат и кадровските промени во најголемата опозициска партија. Полковникот Драган Ковачки, кој беше кандидат за технички министер за внатрешни работи, сега е член на ИК што наиде на осуда од владеачката СДСМ.
Владимир Неловски е нов претседател на градскиот Комитет во Скопје а Тимчо Муцунски и Владимир Ѓорчев се новите меѓународни секретари на партијата. Распишан е оглас и за избор на нови претседатели на 15 општински комитети.
Огнен Чанчаревиќ