Култура

Човечулец на Прокопиев во истражувањата на Ајдачиќ

Студија за збирката раскази Човечулец, од нашиот писател Александар Прокопиев во најновите истражувања на српскиот славист Дејан Ајдачиќ. Најновата книга книжевни истражувања „Одблесоците на словенската фантастика“ на Ајдачиќ, издание на издавачката куќа „Алма“, е произлезена од повеќемесечниот истоимен проект за толкувања на фантастиката во современите словенски литератури. А, студијата за расказите на Прокопиев се однесува на ракажувачкиот третман на љубовта во расказите од „ Човечулец“.

Ајдачиќ минуциозно и исцрпно ги анализира бајките од левиот џеб на Прокопиев, преплетувањата на чудесата на минатото и реалните хронотопи на современието, што наспроти отклоните од поетиката на бајката, не ја нарушува нејзината смисла и течење, туку ја богати со додатни значења. Ајдачиќ го нагласува ироничното сенчење на психолошките црти кај ликовите на Прокопиев, што не водат кон пародирање на бајката, туку кон продлабочување и потрага по нивните подлабоки и скриени емотивни слоеви. Се анализираат одделни неколку раскази од книгата за љубовта, каде се допираат или се бришат границите меѓу реалното и фантастичното што, според Ајдачиќ, се разликуваат од односот меѓу чудесното и стварног во бајките од кои што писателот поаѓа. Во поглавјата „Во сенката на Петар Пан“, „Ловецот – отфрлениот љубовник“, „За грдоста – Човекот со едно крило – царот на орлите“, „Преобразбите на жената – мачка“, нагласува дека расказите-бајки на Прокопиев ги содржат сознанијата и менталитетот на градскиот човек на нашето време. „Прокопиев раскажува помалку за љубовта, а повеќе за љубовната зависност. Измените што ги внесува во своите ренарации ги задржуваат елементите на бајката, но бајките осенчени со минливост, со животот што не е бајковит, осенчен со безчувствителност или со амбивалентни чувства. Прокопиев внесува еротични елементи во мотивациите на своите јунаци, осветлувајќи го и тој аспект на нивниот однос кон љубовта“, пишува Ајдачиќ.

Збирката раскази „Човечулец“ на Прокопиев, објавена 2011 година, и преведена досега на повеќе јазици, меѓу кои и на англиски, и на арапски, и натаму предизвикува книжевни обмислувања и анализи кај странските проучувачи на современата литература.

Дејан Ајдачиќ е автор на бројни дела од областа на теоријата на книжевноста, фолклорот и етнолингвистиката, професор на Националниот универзитет во Киев и на Филолошките факултети во Лоѓ и Гдањск .
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Со премиера на „Риголето“, почнуваат 53-те „Мајски оперски вечери“

Дејан Дејан

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе