Голема благодарност до „Скопје Синема Сити“ , што го награди New Order со награда за животно дело, за придонес во музиката и филмот. Наградата ја препознава благодарноста на фестивалот за неизбришливото влијание на бендот во современата култура. Со овие зборови , упатени преку нивната менаџерка, се огласи светски познатиот музички состав New Order, заблагодарувајќи се за наградата за животно дело , која фестивалот за музички документарни филмови Скопје Синема Сити, му ја додели во рамките на годинашново издание, а им беше испратена во август, поради неможноста да им биде врачена со физичко присуство, поради кризата со коронавирусот.
Оваа награда ја изразува нашата почит за музиката на бендот, која практично претставува
саундтрак на нашите животи и е нераздвоен дел од современата култура. Нивните песни се
совршен спој од срце и душа, исполнети со музички иновации и смело експериментирање. Како
резултат на тоа, нивната музика обележала повеќе музички сцени што се појавиле почнувајќи од
’80-тите до денес. Тоа ги прави да се достојни на нашата восхит и почест,“ вели директорот на
фестивалот Ненад Георгиевски.
Фестивалот беше отворен со филмот, посветен на британскиот бенд New Order- „Декади“, во режија на Мајк Кристи, во дворот на Кинотеката на Македонија. На тој начин беше одадена почит на овој составот, формиран 1980 година , по самоубиството на лидерот и вокалист на Joy Division, Јан Кертис. Бендот до сега издаде 10 студиски, 12 компилациски и 5 албуми со живи настапи, а објави 44 синглови и 37 видео спотови.
Фестивалот Скопје Синема Сити ги има наградено со награда за животно дело : Дејвид Боуви (2015), Леонард Коен (2016), Руичи Сакамото (2018), Филип Глас (2019) и Влатко Стефановски (2019).
Наградата за бендот New Order , а и сите визуелни решенија на фестивалот, се дело на Дијана Димитриевска Таа е долгогодишен соработник на фестивалот и важи за една од најинвентивните наши млади дизајнерки.
Инаку, со џез вечерта на Скопје Синема Сити и прикажувањето на филмовите „Го викав Морган“ и
„Бил Фрисел“, викендот зад нас заврши првиот дел на фестивалот. Следниот е најавен за 2 и 3 октомври во Кинотека на Македонија. Се очекува да се одржи внатре во салата, со пополнување 30% од капацитетот. Во првиот дел, на Скопје Синема Сити беа прикажани 4, а за вториот дел се најавени уште 6 музички документарци.