Без проекција на филмови и без црвен килим, со едночасовен настан, со ковид протоколи и под ведро небо, вечарва во Битола симболично е одбележано 41 издани на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“.
Наградата на Друштвото на филмски работници „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ му беше доделена на режисерот Столе Попов, а добитникот на „Златната камера 300 за животно дело“ e полско-американскиот кинематографер и двоен оскаровец, Јануш Камински, кој се заблагодари преку видео порака.
Попов во своето обраќање нагласи дека добивал многу награди, но според него најсилни и иманентни се наградите од публиката и од колегите. Токму така го разбира годинашното високо фестивалско признание.
Добитникот на „Златна камера 300“ за животен опус Камински рече дека инвентивноста и оригиналноста на браќата Манаки го мотивираат час поскоро да дојде во Битола за да лично си ја подигне својата награда и очекува дека тоа ќе биде в година ова време.
Пред присутните се обрати и претседателот Стево Пендаровски, кој истакна дека е добро што и покрај пандемијата на Ковид-19, „Браќа Манаки“ се одржува и годинава во скратена и во изменета форма.
-Дозволете да ве поздравам како покровител на првиот и меѓу стотиците филмски фестивали, еден од само неколкуте во светот, кои се фокусирани на кинематограферите, фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“. Станува збор за еден од најзначајните културни настани во нашата земја, настан во кој е вткаена богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност. Благодарение на овој фестивал, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност, истакна Пендаровски.