Пред филијалите гужви, но нема граѓани кои се дојдени по потврда за да си ги подигнат парите од пропадната Еуростандард Банка. Никој од редиците пред 4-те банки, Комерцијална, Стопанска банка- Ад Скопје, НЛБ и Халк банк, преку кои денеска почна исплатата, барем пред камера, не чекаат ред за тоа.
Треба да се исплатат речиси 68 милиони евра. Ќе се обештетат над 136.000 лица- штедачи со сметки под 30 илјади евра.Ќе се исплатуваат и оние 780 штедачи чии влогови се поголеми од оваа гранична сума. И тие ќе добијат загарантирана сума од точно 30 илјади евра додека останатите пари ќе ги бараат преку стечајната постапка.
Парите се префрлени од Фондот за осигурување на депозити, а штедачите се распоредени во 4 групи врз основа на почетните букви на презимињата.
Распоред за исплата на депозити од Еуростандард банка по прва буква на презимето
Комерцијална банка- А, Б, В, Г и Д
НЛБ Банка- Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л и Љ
Стопанаска банка АД Скопје М, Н, Њ, О, П и Р
Халкбанка АД С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ и Ш
Депозити ќе може да подигнат и самостојни вршители на дејноста, трговци поединци, адвокати или нотари, а нивните пари ќе бидат исплатени во банката според првата буква од називот на фирмата. Сите што ќе подигаат пари мора да носат документи за идентификација и доколку се овластени од некого – издадените полномоштва од штедачите на Еуростандард кои нема лично да се појават на шалтерите.
Нема да се исплаќаат депозитите на членовите на телата на банките и на големите акционери во Еуростандард, како и штедачите кои имале повластени каматни стапки. Замрзнати ќе останат и парите кои се поврзани или се сомнителни за кривично дело перење на пари, стои во законската регулатива.
Вчера со соопштение се јави и стечајниот управник на Еуростандард Душко Тодевски. Информираше дека се раскинати сите договори за закуп на деловен простор, во кои биле експозитурите на банката. Но и дека целиот имот и документација се заштитени и се на сигурно.
Александра Филиповска