Со почитување на протоколите, да се отворат кината и театарите, побара Огнен Антов, продуцент на првиот домашен филм за деца „Стела“. Филмот ќе биде премиерно прикажан в петок, на отворањето на фестивалот на европски филм Cinedays. „ Стела“ е снимен како македонско –српско- германска копродукција., по сценарио на Ева Камчевска, а во режија на Стојан Вујичиќ.
По краткометражните „Допир“ и „Брат за еден ден“, каде во фокусот се децата, режисерот Стојан Вујичиќ го сними и првиот македонски долгометражен филм за деца и семејство, насловен „Стела“. Неговата порака е, да им се ослободи место на децата во општеството, за да се реализираат, потенцира режисерот.
- Децата во нашето општество , иако се деца, иако мислиме дека ние ги воспитуваме, им даваме насоки , мора да им ослободиме простор кога ќе дојде времето, за да си ја докажат својата индивидуалност. Во спротивно, ќе добиеме бунтовници кои ќе се борат до крај и нема ни на нив да им биде јасно, зошто и како, вели режисерот Вујичиќ.
Низ приказната за кучето Стела, еден дедо и едно дете, филмот ги отвора темите за одроденоста на современиот човек, неприфаќањето на различноста и булингот меѓу младите. Петар Маниќ, кој го игра малиот Никола, признава дека и самиот бил жртва на малтретирање.
- Немаше нешто да се работи на ликот поради тоа што и јас самиот, исто некогаш сум бил жртва на тоа, рече 13 годишниот Маниќ.
Во филмот настапуваат и Мони Дамевски, Тони Михајловски, Христина Поповиќ од Србија и нашиот Дејан Лилиќ.
- Мојот ракурс на целиот овој филм и на мојата улога е односот маж-жена, маж, жена, дете и семејство. Колку е тоа важно, потенцира актерот Лилиќ.
„Стела“ е еден од 40 филмови , во седум програми, кои ќе бидат прикажани на 19 издание на фестивалот на европски филм Cinedays, (18-24. септември). Toj ќе се одржи на отворено, во паркот на МКЦ, во Градскиот и во паркот Ибни Пајко, но и низ повеќе скопски населби. Меѓу проекциите е филмот „ТМ“ , на Ивица Димитријевиќ, а на затворањето на фестивалот и „Хомо“ , во режија на Игор Иванов –Изи.
Сотир Трајков