Предизборно ветија намалување за 20 проценти на јавната администрација – откако седнаа во министерските фотелји почнаа да течат огласи за нови вработувања. Дел од министрите го оформуваат советничкиот тим што законски им е дозволено, други пак привремено вработуваат пради зголемен обем на работа.
Рекордер е министерот за финансии Фатмир Бесими. Ресорот бара да вработи 36 лица на определно време, до крајот на годинава Платите се движат од 15.600 за виш рефернет во Управата за имотно-правни работи до речиси 30.000 денари за раководител на одделение во Управата. Образложението е дека до крајот на годината ќе имаат зголемен обем на работа. Од ресорот велат имале потреба за овие вработувања, но биле спречени поради изборите.
„Се работи за редовна административна процедура за регулирање на работните места од кои Министерството има потреба, а не за зголемување на бројот на вработени. Имајќи предвид дека бевме во изборен период, во кој имаше законска пречка за вработување, сега се создадоа услови за реализирање и пополнување на работните места за определен период до крајот на годинава, а за кои министерството имаше потреба. За оваа намена се обезбедени средства во Буџетот за 2020.“- велат од финансии.
Огласи течат и за посебните советници во министерските кабинети. Министерката за образование Мила Царовска бара тројца посебни советници, за образовни политики, буџетска координација и за односи со јавност. Договорите ќе бидат максимум до завршување на нејзиниот мандат. А основната плата ќе биде од 50 до 60.000 денари месечно. И старо-новата министерка за одбрана Радмила Шеќеринска го оформува тимот со тројца посебни советници за политички прашања и надоврешна политика за плати од 35 до 50.000 денари.
Од институциите велат тоа е законско право на новите министри да си го изберат тимот околу себе.
За експертите, пак е добро тоа што на почеток на мандат има политичка волја за кратење на јавната администрација. Велат секој министер има право да си го избере кабинетот и тие вработување се во ред. Во класичната државна администрација недостасуваат луѓе, но мора да се крати од јавната администрација и јавните претпријатија каде има превработеност.
Иначе она 20 проценти скратување е токму тоа во јавна администрација во поширока смисла треба таму да се интервенира. Не може ако носител на дејност во образование, од 40.000- 20.000 да се административци. Ако во областа на здравство од 22-23.000 пола да се бели мантили што се носители на дејност а пола административци. Тука треба да се крати. Кај државната класична администрација треба малку да се пополни.- вели Давитковски
Премиерот Заев во кампањата најави кратење на јавната администрација за 20 проценти. Пребројувањето пак покажа дека до крајот на минатата година во јавниот сектор работеле 139.000 лица.
Александра Филиповска