На судењето во случајот Колибри денеска беа сослушани двајца сведоци на обвинителството. Обвинети за помагање за шверц на околу 700-тини килограми кокаин од Јужна Америка во Шпанија се скопјанецот Воислав Будисављевиќ и актерката Силвија Стојановска. Во Шпанија за истото дело се уапсени Владимир Будисављевиќ, брат на Воислав и двајца шпански државјани.
Првиот сведок е скопјанец кој во време на синхронизирана акција бил во Мадрид каде двапати се сретнал со Владимир Будисављевиќ. Сведокот лани во декември пред Нова Година бил да го гледа натпреварот Барселона- Реал Мадрид, а обвинетиот во тој период престанал да му се јавува. Потоа дознал од медиумите дека неговиот сосед од Скопје е уапсен за шверц на кокаин. Сведокот рече дека во Мадрид му е украден телефонот со кој се слушал со семејството во Скопје и со приведениот Владимир Будисављевиќ.
Вториот сведок е таксист кој ја возел актерката Стојановска до аеродормот во Софија кога таа патувала во странство, а според обвинителството на тој пат во Мадрид Стојановска зела пари од непознат Шпанец кого го препознала по шифрирана комуникација. На прашање од адвокатот на Стојановска, сведокот-таксист одговори дека не го знаел точно патот до аеродромот во главниот бугарски град по што побарале помош од полицајци во возило кои се движеле пред нив и им ја покажале вистинската клучка за аеродромот.
Одбраната смета дека нема докази за како што велат прикаската на обвинителството и се уште чекаат да извршат увид и да ги разгледаат доказите против Будисављевиќ и Стојановска, обвинети за логистика на криумчарите. Адвокатите замераат и за денешните сведоци дека воопшто требале да бидат повикани бидејќи првиот имал контакт со Владимир Будисављевиќ кој не е обвинет во Скопје туку во Мадрид и е белгиски државјанин.
Акцијата Колибри на македонската и шпанската полиција се случи лани во декември, а кокаинот беше фатен во магацин во Мадрид. Актерката Силвија Стојановска оттогаш е во домашен притвор, а нејзиниот поранешен партнер Воислав Будисављевиќ е во притвор во Шутка.
Силвија Стојановска денеска и на второто рочиште беше донесена со полициски цивилен автомобил од домашен притвор.
По излегувањето од возилото ја стави заштитната маска правилно и се виде со својот адвокат, а потоа влезе во судот.