Македонија Најважни

По шест месеци се отвораат градинките  – 14.555 деца се враќаат во нив

Идната среда 14.555 деца ќе се вратат во градинките. Ова е бројката која ја добило Министерството за труд и социјална политика пред два дена откако напаравило анализа за капацитетите, но и интересот на родителите за враќање на децата во градинка, при што приоритет имале самохраните родители и двајца родители со потврда дека работата не можат да ја извршуваат од дома.

„19.000 места има во градинките согласно протоколот. Интерес пројавиле 14.555 деца, остануваат уште 4.500 слободни места“, информираше Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика.

Во пополнување на бројката до 19.000 предност ќе имаат деца кои веќе биле запишани во градинките.

„Доколку во некоја градинка се појави недостиг на места за сместување на дечиња, согласно утврдените протоколи, во таква ситуација, на ниво на општина, можат да се упатат дел од децата во соседна градинка која што е најблиска. Меѓутоа нашата анализа како Министерство за труд и социјална политика  покажа дека само неколку исклучоци постојат во државата за вакво сместување“, рече Шахпаска.

Воспитувачките ќе ги примаат децата во градинката со временско растојание од по 10 минути меѓу секоја група со мерење на температура и миење на рацете, а доколку некое дете качи температура во текот на денот ќе се алармира и Центарот за јавно здравје. Протоколите предвидуваат децата да јадат во занималните, да излегуваат од нив во групи, без мешање, да играат со играчки кои можат да се мијат.

„Растојанието меѓу масите за седење на децата треба да биде помеѓу 1,5 и 2 метри. Спиењето организирано така што децата треба да бидат поставени на креветчињата според принципот – нозе, глава. Повторно растојанието од 1,5 до 2 метри, во единечни кревети и постелнина за секое дете, соодветно обележана со името на детето“, информираше Венко Филипче, министер за здравство.

Просториите ќе треба да се дезинфицираат на секои два часа, а ќе мора и редовно да се проветруваат.

Воспитувачите ќе мора  постојано да носат маска, а забрането им е собирање и меѓусебни контакти во заедничките простории. Освен следењето на протколите, тие ќе имаат обврска и да ја следат здравствената состојба на децата, а родителите ќе мора да донесат потврда од матичниот лекар за здравствената состојба на детето.

„Воспитувачот ги контролира причините за отусуство на децата, контактира со родителите и доколку е потребно и со матичниот лекар односно педијатар и Центарот за јавно здравје“, вели Филипче.

Доколку некое дете пројави симптоми на Ковид-19 ќе се изолира во посебна просторија, а ако вирусот се потврди тогаш по препорака на епидемиолозите можно е целата група, со се негувателките, да оди во домашна изолација. Децата сомнителни на коронавирус можат да се врата во градинка со негативен ПЦР тест.

Истите протоколи важат и за приватните градинки, па како што информираше Шахпаска, доколку ги исполнуваат и тие на 9 септември можат да ги отворат вратите за децата.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Возачот Васил Јованов призна вина за несреќата во која ја прегази Фросина Кулакова  на пешачки премин

Дејан Дејан

Почнува националната еко акција „Генералка викенд“

Дејан Дејан

Русија прославува 80 години од Денот на победата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе