Свет

Започна судењето на 14 лица обвинети за терористичкиот напад на Шарли Ебдо

По повеќе од 5 години од смртоносниот терористички напад на сатиричниот магазин Шарли Ебдо, во главниот град на Франција денеска започна судскиот процес против 14 лица.

13 мажи и една жена се обвинети дека им помагале на исламистичките милитанти кои убија 17 луѓе во текот на тридневниот хорор кој ја потресе Франција.

Во нападот на редакцијата на Шарли Ебдо во јануари 2015-та година, беа убиени 12 луѓе, додека смртно беше застрелана и една полицајка а во напад на супермаркет со еврејска кошер храна беа убиени уште 4 луѓе.

17-те жртви беа убиени во период од 3 дена, елиминирани беа и тројцата терористи а ова крвопролевање го означи почетокот на бранот џихадистички напади во цела Франција, кои однесоа повеќе од 250 човечки животи.

“За што се залага Шарли Ебдо: нема предавање, одбивање да се откаже од слободата на изразувањето вклучувајќи го и богохулието, критика на иделогиите, догмите, религиите – затоа што ако се предадеме, ние веќе не живееме во земја со слобода на изразување, ниту во земја со слобода за критикување. Би живееле во земја на стравот, со мрачна иднина. Повторувам пред вас: да не се плашиме од тероризмот ниту пак од слободата” – изјави Ричард Малка, адвокат на Шарли Ебдо.

Лицата на кои им се суди во Париз се обвинети за купување оружје, автомобили и обезбедување друг вид логистика.

Повеќето од нив се бранат дека мислеле дека помагаат за помал вид на напад.

На тројца од обвинетите им се суди во отсуство, откако ја напуштиле Франција и се придружиле на исламската држава.

Во деновите по нападот , милиони луѓе излегоа на улиците на француските градови, но и ширум светот,  во знак на солидарност со нападнатите новинари, под слоганот “Јас сум Шарли”.

Сатиричниот магазин го одбележа почетокот на судскиот процес со реобјава на контроверзните карикатури на пророкот Мухамед , која предизвика масовни протести во повеќе муслимански држави а како изговор за крвопролевањето ја користеа и џихадистите.

Пред влезот на Шарли Ебдо, нацртан е и меморијален мурал со ликовите на сите убиени карикатуристи во нападот, вклучувајќи и поранешниот главен уредник на магазинот, Стефан Шарбоние – Шарб.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, застана во одбрана на слободата на новинарите и на , како што рече, француската слобода на богохулие која е поврзана со слободата на совеста. Цртежите не се и не може да се сметаат за говор на омраза, вели Макрон.

“Мислам дека претседателот на француската република никогаш не треба да ги вреднува проценките на новинарите, уредниците, никогаш. Затоа што постои слобода на новинарството, за која и вие сте со право, длабоко поврзани. Во нашата држава, уште од третата Република – а овој Петок ќе прославиме значаен роденден, 150-тиот роденден на Републиката – во Франција постои и слободата на богохулие, која е поврзана со слободата на совеста” – тврди Макрон.

Судскиот процес беше одложен речиси 4 месеци заради пандемијата корона вирус а се очекува да трае до ноември.

Судењето на 14-те обвинети ќе го следи и Ласана Батили, муслиманка од Мали, која во нападот во супермаркетот, сокрила и од сигурна смрт спасила поголем број луѓе а подоцна и беше доделено и француско државјанство.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп: Изборот на американски папа е „голема чест“ за САД

Дејан Дејан

УНИЦЕФ: „65 до 70 проценти“ од целиот водоводен систем на Газа е оштетен

Дејан Дејан

Русија прославува 80 години од Денот на победата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе