Се најдоа на пола пат меѓу својата стара и нова канцеларија, си ги разменија ресорите, но и европски знаменца за да покажат дека приоритетот и на двајцата останува членството во ЕУ. Но ќе треба да се навикнат и на новите функции.
„Мене ќе ми треба малку време да се навикнам. Кога велите министре за надворешни се штеркнувам, верувам и со Бујар ќе биде исто“, се пошегува Никола Димитров, новиот вицепремие за европски прашања
Поранешниот шеф на дипломатија, сега вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров кој од прозорец во МНР до вчера ги читаше зборовите „Заедно кон ѕвездите“ на зградата на Секретаријатот за европски прашања ја презеде палката од својот претходник Бујар Османи земјава да стане нова европска ѕвезда, за што најави старт на преговорите со ЕУ во декември.
„На нашиот државен празник 8 Септември во Брисел ќе биде за првпат, меѓу земјите членки отворена дебата околу една верзија на предлог-преговарачката рамка што ќе ја претстави германското претседателство. Очекувањето и планот на германското претседателство е првата меѓувладина конференција да се случи во декември“, информираше Димитров.
До тогаш Димитров има рок и да го спроведе, како што најави, освежувањето на преговарачката структура на земјава поради променетата методологија за преговори. Сепак, вели дека е рано за конкретни имиња, особено на она кое ќе го замени техничкиот преговарач со Унијата, Бојан Маричиќ, кој во новата влада го презеде ресорот правда.
Османи пак кој уште вчера се всели во старата канцеларија на Димитров во МНР рече дека на патот кон ЕУ приоритет ќе му биде рестартирање на имплементацијата на договорите со Грција и со Бугарија.
„Јас веќе ја правам мојата агенда за посети, за средби и за контакти. Така да меѓу приоритетите ќе бидат и Атина и Софија“, рече Османи.
Но освен заедничките комисии со двата соседи кои треба да ги затворат историските прашања, Османи рече дека ќе се занимава и со новиот Закон за МНР, но и со упразнетите амбасадорските места кои останаа заглавени во собраниската Комисија за надворешна политика.
„Законот за надворшени работи сме го разгледале на влада неколку пати, меѓутоа мислам дека сега треба новата влада овој план да го преработи и да го разгледа дополнително, сега и од перспектива на ново раководство во МНР… Претстојат важни процеси пред нас и нашите амбасади треба да бидат во полн состав и капацитет“, рече Османи.
Димитров колегијално му помогна на Османи со дообјаснување околу амбасадорските места.
„Собранието и Комисијата формално правно, согласно Уставот, не се дел од именувањето на еден амбасадор. Мислам дека по едно – две одлагања, ако демократската пракса и традиција ја крши Комисијата, веројатно треба да размислиме дали можеби овие луѓе требаше да бидат испратени“, е ставот на Димитров.
Она за што дефинитивно Димитров и Османи ќе соработуваат рекоа дека е позицијата на земјава во разговорите со Бугарија, при што прашањето за македонскиот јазик и македонската нација се затворени прашања, а и двајцата се уверени дека на Бугарија не и одговара да го попречува европскиот пат на земјава.
Тамара Грнчароска