Премиерот Зоран Заев ја отвори првата владина седница, опкружен од лево и од десно со двајца вицепремиери: Артан Груби и Љупчо Николовски. Но, само Груби ќе биде неговиот вистински прв заменик. Оваа функција ќе биде воведена со измени на Деловникот за работа на Владата. Премиерот Заев веќе им дал насоки на владините служби да ги подготват измените, што е побрза и поедноставна процедура во однос на менувањето на законот за Влада, за што би било потребно расправа и гласање во Собранието.
Вицепремиерското место со број еден е дел од коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ и доаѓа како компензација за откажувањето на помалиот владин партнер од изборното ветување за прв албанец-премиер. Заев го објаснува како воспоставување редослед – кој од четворицата вицепремиери би го менувал премиерот во отсуство, а министерот Груби – како показател дека одлуките во Владата се носат консензуално.
Додека службите ги подготвуваат измените на Деловникот, Груби веќе прима честитки како прв вицепремиер. Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, испрати соопштение дека амбасадорот на Албанија, Фатос Река, во име на премиерот и претседателот на својата држава, му упатил честитки на министерот Груби. На средбата било разговарано за продлабочување на соработката, за реализација на заедничките проекти како земји-членки на НАТО како и на реформите за зачленување во Еропската унија.
Овие денови се очекува целосно екипирање на новиот владин кабинет, со кој како генерален секретар, би требало да раководи Дамјан Манчевски. Премиерот Заев рече дека во тек се консултации за советници како и за екипирање на министерствата со заменици и со државни секретари.
Соња Николовска