Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година в четврток против селекцијата на Шпанија ќе ги продолжи квалификациите за пласман на Европското првенство.
Една од најдобрите селекции на Стариот континент ќе ни биде противник во овој септемвриски циклус каде ќе се сретнеме уште со репрезентацијата на Фарски Острови.
“По промената на системот на натпреварување нам не ни останува ништо друго освен на секој натпревар во продолжението од квалификациите да одиме на победа и да освоиме што е можно повеќе бодови. Овие фудбалери докажаа дека имаат квалитет да се спротивстават на сите репрезентации па и на селекцијата на Шпанија која е една од најдобрите во Европа. Тоа ми дава за право да бидам оптимист пред овој натпревар, но некои сегменти од нашата игра треба да се поправат и се надевам дека овој дуел ќе одиграме на високо ниво во текот на сите 90 минути”, изјави селекторот Милевски на почетокот од подготовките.
Натпреварот со Шпанија се игра в четврток на арената Тодор Проески и почнува во 18 часот и 45 минути.