Македонија Најважни

Заев и 19-те министри

Осум нови, шест досегашни и петмина поранешни министри со искуство во други ресори – таков е составот на новата Влада.

Најголем минат труд во министерските фотелји има Фатмир Бесими.

Од 2004-та до 2014-та раководеше со евроинтеграциите, економијата и со одбраната во тогашните влади.

Се споменуваше за гувернер, но стана министер за финансии. За да се отстрани секој ризик од судир на интереси, брат му си поднесе оставка од пратеничката функција, на која штотуку стапна. Како министри дебитираат дури осуммина.

Најголем интерес предизвикува првиот заменик на премиерот, Артан Груби.

Тој е докторант во Тирана и предавач за медиуми и конфликти на универзитетот во Тетово, а стана познат по конфликтот на Калето 2011-та. Оттогаш, редовно е во придружба на лидерот Ахмети. Три години потоа стана пратеник.

Влегува во Владата на голема врата, промовирајќи дека главните одлуки ќе ги носи заедно со премиерот.

Бојан Маричиќ влегува во Министерството за правда, од кое ќе си замине неговата сопруга, која до сега беше шеф на министерскиот кабинет. Маричиќ беше дел од граѓанскиот сектор, па советник во Владата.

Благој Бочварски го напушта родниот Штип, чиј градоначалник стана пред три години. Има искуство во Собранието и во струката – архитектура, а ќе раководи со Транспорт и врски.

Јагода Шахпаска, специјалист по интерна медицина, го презема ресорот Труд и социјала, а Ирена Стефоска – културата. Двете се поранешни пратенички.

Петмина министри менуваат ресор. Никола Димитров, со богато дипломатско искуство и раководење со надворешните работи, доаѓа во Секретаријатот за европски прашања.

На неговото место во Министерството за надворешни, доаѓа Бујар Османи. Доктор хирург по професија, има и богата политичка кариера. Раководеше не само со ресорот здравство туку и со евроинтеграциите.

Мила Царовска смени неколку ресори. Како министерка почна во труд и социјала, па вицепремиерка за економски прашања, а од денеска почна со активности во образование.

Оливер Спасовски, Радмила Шеќеринска, Насер Нуредини,Крешник Бектеши, Венко Филипче, остануваат во своите ресори.

Според биографиите на 19-те министри во кабинетот на Зоран Заев, се работи за семејни луѓе со завршено високо образование или повисоки образовни степени, најчесто од економските и од правните науки.

Меѓу нив, докторите Венко Филипче, Бујар Османи и Јагода Шахпаска, новинарот Артан Груби, архитектот Благој Бочварски и историчарката Ирена Стефоска.

Сите 20 министри, вклучувајќи го и првиот меѓу нив, Зоран Заев, добро говорат англиски и балкански јазици; најголем полиглот е Насер Нуредини, кој зборува англиски, германски и италијански, а најтешко му оди македонскиот.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе