Култура

 „Скопје викенд на гордоста“ ќе проговори за суровиот оптимизам

На Скопје по осми пат ќе му се случи „ Викенд на гордоста“. Седумдневната програма , од 2 до 8 септември, што ќе се одржи на локации, во Музејот на современа уметност, во Комитет, Shortbus, но и онлајн, вклучува изложби, перформанси, предавања, промоциja на книгa, танцовa изведбa, драг шоу и ди-џеј сет, за крај.

Низ програмата се дава повеќеслојна критика на бинарниот родов систем, хетеронормативноста и националистичката хомофобија и на пресечените точки на угнетувачките, дисциплинирачки режими на моќ, со класата, етничката припадност, расата и здравјето, вели кураторот Славчо Димитров.

Мотото на годинашното издание на „ Скопје викенд на гордоста“, е „ Суров оптимизам“ и е позајмено од истоимената книга на Лорен Берлан, професорка на Универзитетот во Чикаго и една од најистакнатите теоретичарки на современата култура. Во истоимената публикација од 2011, Берлан се осврнува на неостварените желби и потреби за добар живот на поединецот, во услови на неолиберален капитализам. Таа ќе учествува на фестивалот преку онлајн предавање на истата тема, што ќе се одржи на 6 септември.

Стартот на фестивалот е во МСУ, со отворање на групна изложба, насловена „ Скршено“, која ќе биде достапна за јавноста до 21 септемри. Изложбата низ разни медиуми ги одразува емоциите и размислувањата на уметниците од ЛГБТ заедницата, нејзините активисти и подржувачи, мотивирани од стварноста во која жиееме.

„Скршено“, дека сме скршени на фундаментален и специфичен начин и дека токму таа скршеност нуди можност за алтернативни политички хоризонти, дополнува кураторот Димитров.

За прв пат кај нас, но и во регионални рамки, ќе биде изложено дело од Феликс Гонзалес Торес, американски уметник со кубанско потекло, кој живеел и творел како деклариран хомосексуалец, а преку минијатурните инсталации, скулптури и билборди, дал уникатен, активистички и интимистички печат во современата уметност. Инсталацијата од Гонзалес Торес „ Без наслов“, од 1989/90 год, ќе биде поставена како концептуална позадина на изложбата „ Скршено“, со што ќе биде оддадено признание на неговото влијание во уметноста и квир културата. Во рамките на отворањето ќе биде изведен и перформансот со инсталација „ Месесто“, на италијанската уметница со берлинска адреса, Федерика Даури, а учествуваат и Полин Бодри и Ренате Лоренц, кои беа дел од 58 ликовно биенале во Венеција, низ постака во павиљонот на Швајцарија.  Главнината на странските уметници на изложбата, е со потекло или престој во Германија, САД и Канада, а од Македонија, со свои дела, настапуваат Христина Иваноска и Велимир Жерновски. Таа со творби од керамика, а тој со инсталација и видео.

До крајот на „ Скопје викенд на гордоста “, меѓу останатите содржини, е промоцијата на новиот роман на Петар Андоновски, „ Лето во кое те нема“, првата самостојна изложба на Јован Јосифовски и современото танцово дело „ Dragon aka Pony“, во кое ќе настапат Александар Ѓеоргиев, Жана Пенчева и Дарио Барето Дамас.

Зад организацијата на фестивалот стојат ЛГБТ Центарот за подршка и Коалицијата „ Маргини“, од каде најавуваат дека сите настани во живо ќе се одржат според препорачаните протоколи за заштита од Ковид-19.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со премиера на „Риголето“, почнуваат 53-те „Мајски оперски вечери“

Дејан Дејан

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Силјановска: Книгите што ги читаме, на кои се навраќаме, многу повеќе говорат за нас, од било кое CV

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе