Се осигураа дека леталата се безбедни – а, потоа го донесоа инсектицидот. Сините буриња зјаеа празни, но подготвени за убиствениот раствор против агресивните комарци. Еден литар инсектицид измешан со девет литри вода е дозата со која екипите ги уништуваат инсектите од кои скопјани немаат мир деновиве.
„Опфатот што се прска е помеѓу Сарај, Волково, Радишани, Ново Лисиче, Катланово и Драчево – тие се подрачјата. Низината или предградието на Скопје, или да речеме помочурливите предели коишто се детектирани како генератори на комарците“ – Дејан Саздовски – Управител на Аероклуб Скопје
Подготовките започнаа на уште неразденето, додека градот спие. Авионите ги загреваа, а шишињата со инсектицид едно по едно беа отворени пред очите на претставникот на Секторот за комунални работи на Град Скопје. Планот на екипите секогаш е на изгрејсонце да се вивнат во воздух, па така и овојпат – чекаа да се раздени за да тргнат.
Екипата на Телма беше дел од ова вонредно прскање закажано откако Скопје е под опсада на комарците уште од пред неколку денови. Анализите на надлежните покажале дека зголемената влага во вегетацијата предизвикана од поројнитете дождови е директен причинител.
„Инсектицидот делува, а не е тоа само обичен раствор којшто ги разлутува комарците. Поголемиот дел од нив веднаш умираат, а остатокот станува поагресивен додека се бори за живот. Оваа година, поголем проблем за граѓаните претставува и справувањето со тигрестиот комарец.“
Вонредното прскање нема дополнително да ја испразни градската каса, изјави вчера скопскиот градоначалник Шилегов. Договорот за обезбедување на средство за уништување на возрасни форми на комарци и ларви е склучен пред неколку месеци и е двегодишен.
Петар Догов