Поддржана но не и прифатена од сите 15 пратеници. Министерската шестка предложена од ДУИ останува истата откако зелено светло дале и неофицијалните кочничари од ограноците на Чаир и Сарај по долга дебата во партијата.
Пратеникот Изет Меџити ги призна внатрешните судири за изборот на предлог министри внатре во партијата. Нема да ја руши владата, ќе гласа ЗА, а остава последниот збор да го има претседателот на партијата Али Ахмети.
„ДУИ е партија со традиција каде што се развиваат дебати внатре во самата партија. Јас ги имам моите забелешки за дел од извршната власт. Дебатиравме долго во партијата, последниот збор го има претседателот на партијата. Не сакам јас да придонесувам за рушење на една влада која ја има поддршката на нашите меѓународни партнери. Во демократијата е вредност да се бориш за своите ставови, но победува мнозинството. Јас ќе гласам за новата влада.“ изјави Меџити
Противење нема ниту во изјавата на пратеникот Арбен Зибери, кој посочи дека имало дебата, но таа останува во партијата.
„Имавме дебата во партијата во врска со некои предлози на партијата за поделба на ресурсите во новата Влада, но тоа е сепак е во рамките на партиската демократија,“ истакна Зибери
Смирувачкиот тон во изјавите на дел од пратениците доаѓа откако претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, синоќа за телевизија Клан Македонија потврдил дека нема промени во листата со предлози за министерски места и дека експертските тимови на СДСМ и ДУИ денеска го завршиле усогласувањето на предизборните програми на обете партии за спојување во заедничка владина програма.
„Овој тим ја ужива поддршка од целата наша парламентарна група“, изјавил Ахмети за Клан телевизија
Со ваквата внатрепартиска разврска мандаторот Заев нема пречки на собранието уште утре да да ја испорача владејачката формација.
Според пoследната одлука на највисоките партиски тела, ДУИ во новата влада ќе управува со Артан Груби, министер за политички систем и односи меѓу заедниците и прв вицепремиер, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Фатмир Бесими, министер за финансии, Насер Нуредину, министер за екологија, Крешник Бектеши, министер за економија и Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и јавна администрација.
Павле Беловски