Избори 2020 Македонија Топ вести

Неизвесно продолжувањето на конститутивната седница за избор на претседател на Собранието

„За денешниот ден нема закажано пленарни седници и седници на работните тела“. Ваква информација дава собранискиот сајт, иако пратениците и собраниските служби подготвено чекаа продолжение на конститутивната седница. СДСМ и ДУИ така и се договорија: денеска да го изберат Талат Џафери за претседател на Собранието, па тој да закаже седница за избор на веќе договорената Влада.

Одолговлекувањето со седницата прво беше образложено со потребата од собирање потписи од најмалку 20 пратеници, кои би биле предлагачи на старо-новиот спикер. Потоа, рекоа дека има потреба од дополнителни консултации, а и некои пратеници биле отсутни. Конечно, обидот за продолжување на седницата е одложен за утре.

Од СДСМ и од ДУИ не појаснуваат дали постои некаков проблем. Но, медиумите на албански јазик објавуваат дека двајца пратеници од ДУИ се спротивставуваат на изборот на министри од нивната партија и дека нема да гласаат ниту за Џафери. Се именуваат Изет Меџити, поранешен градоначалник, кој го води влијателниот Чаирски огранок, и Арбен Зибери, екс директор на Центарот за јавно здравје, кој е во блиско сродство со кандидатот на ДУИ за премиер – Насер Зибери.

Наводно, за нив е неприфатливо  Бујар Османи и Артан Груби да ги водат министерствата за надворешни работи и за политички систем. А без нив, владеачкото мнозинство останува само со 60 пратеници, што не е доволно ниту за избор на Џафери ниту за избор на нова Влада.

Тие двајца вчера го бојкотирале Централниот одбор на партијата, кога беа утврдени носителите на министерските функции. Лидерот Ахмети синоќа го релативизираше нивното отсуство.

-Мнозинството од Централниот одбор ги прифати предложените кандидати. Сите се овде од ограноците и нема партија во која нема дебата за вакви прашања. Имаше дебата и на крајот со мнозинство гласови транспарентно е донесена одлука, вели Ахмети.

Денеска, Ахмети имаше средба со пратеничката група. Оттаму нема одговор дали недоразбирањето е надминато.

Ахмети и Џафери не можат да сметаат ниту на гласовите од Алијанса и Алтернатива.

Изборот на Талат Џафери за Претседател на Собранието е првиот тест за новото мнозинство. Потребни се гласовите од најмалку 61 пратеник, како и за избор на Влада. СДСМ, ДУИ и  ДПА имаат вкупно 62-ца пратеници.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНАМ најавува соработка со ВМРО-ДПМНЕ на претсојните локални избори

Дејан Дејан

Дробњак: 2030 е годината на новото проширување на ЕУ

Дејан Дејан

Дали ќе има одговорност за облакот токсична прашина од РЕК?!

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе