Свет

Камала Харис и Барак Обама со жестока критика на Трамп

Камала Харис ја прифати номинацијата за кандидат за потпретседател на Демократска партија, како десна рака на Џо Бајден во трката за освојување на Белата Куќа.

Во своето обраќање на виртуелната конвенција на Демократската партија, првата жена која не е со бела боја на кожата а е дел од понудата на една од двете најголеми американски партии за потпретседателската функција, жестоко го критикуваше актуелниот шеф на државата, Доналд Трамп, за целосен неуспех во лидерство. Според Харис, тоа најдобро се гледа во начинот на кој пандемијата коронавирус се шири во САД и огромниот број човечки жртви и страотни економски последици.

Таа сепак потсети дека не се сите американски граѓани подеднакво жртви на Ковид -19.

Црното, латино и домородното население страда и умира непропорционално. Ова не е случајно. Тоа е последица на структурниот расизам. На нееднаквостите во образованието и технологијата, здравственото осигурување и домување, безбедноста на работните места и транспортот. На неправдата во репродуктивното и мајчинското здравје. Во прекумерната употреба на сила од полицијата. И на нашиот поширок кривично правен систем, изјави Харис.

Глобалната пандемија ги присили демократите да се откажат од типичниот визуелен спектакл на конвенциите. Наместо пред еуфоричните илјадници активисти и партиски симпатизери, овој пат истакнатите демократи се обраќаат во живо или со претходно снимени говори пред празни сали а единствената публика и реакција ја добиваат преку зум и социјалните медиуми.

Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, своето обраќање го сними пред музејот на американската револуција во Филаделфија, оценувајќи дека Доналд Трамп не покажал никаков интерес за функцијата која ја добил и ја третирал претседателската позиција како уште едно реално шоу , кое го користи за добивање на вниманието кое толку очајно му е потребно.

Доналд Трамп не научи да ја врши работата, затоа што не може. Последиците на тој неуспех се ужасни. 170 илјади американци се мртви. Милиони работни места се изгубени. Истовремено, оние на врвот земаат повеќе од кога било досега. Нашите најлоши импулси се ослободени и нашата репутација во светот е многу ослабена. Нашите демократски институции се под закана како никогаш досега, предупреди Обама.

Демократите се надеваат дека Обама ќе успее да го доближи Бајден поблиску до младите гласачи кои бараат подраматична промена во САД, наспроти умерениот пристап на неговиот поранешен потпретседател. Во третата ноќ на демократската конвенција, апел до гласачите да го поддржат Бајден испратија и Хилари Клинтон, која иако важеше за огромен фаворит, изгуби од Трамп, 2016-тата година и сенаторката Елизабет Ворен од Масачусец.

Големото финале на 4-дневната конвенција на демократската партија е вечерва кога свое обраќање ќе има и кандидат за претседател, Џо Бајден.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина

Дејан Дејан

Во поплави во Конго 62 лица го загубија животот, а 50 се водат како исчезнати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе