Протестите и штрајковите на работниците во државните фабрики во Белорусија продолжуваат додека опозициската кандидатка Тихановскаја од Литванија секојдневно ги поттикнува да ја продолжат борбата. Денеска им порача дека политичките затвореници, меѓу кои е и нејзиниот сопруг, бараат од нив да не седат со „скрстени раце“.
Тој и другите политички затвореници се во затвор. Но тој бара од вас да не седите, да не седите и да направите се што е можно да живееме во држава вредна за живеење, изјави таа.
Откако насилно се обиде да ги спречи протестите, со стотици повредени и речиси 7.000 уапсени и порачуваше дека попрво ќе го убијат отколку што ќе дозволи повторно одржување на избори, Александар Лукашенко го омекна пристапот. Сега вели дека ќе се согласи на избори, но само откако ќе бидат усвоени одредени измени на уставот, кои претходно ќе бидат одобрени на национален референдум. Опозицијата, но и западот, во предлогот не гледаат ништо повеќе од едноставно купување време.
Целата оваа флагрантна неправда и беззаконие ни покажуваат како функционира овој систем во распаѓање, во кој еден човек контролира се, рече Тихановскаја.
Тихановскаја вчера порача дека е подготвена да ја преземе одговорноста на национелен лидер за време на одреден период во кој ќе се создадат потребните социјални, политички и законодавни услови за организирање фер и слободни избори.
На изборите на 9 август, според официјалните резултати на изборната комисија, таа освои само 10,12 проценти од гласовите, наспроти 80,1 на Лукашенко. Веднаш по изборите се појавија многу видеа и фотографии на социјалните мрежи кои покажуваат наводни сомнителни активности на изборните одбори а Тихановскаја беше задржана 7 часа во државната комисија, откако отиде да поднесе жалба за резултатите. Протестите започнаа речиси веднаш по објавувањето на резултатите со главните барања за заминување на Лукашенко и одржување нови претседателски изобри.
Игор Трајков