Аталанта е едно од најпријатните изненадувања во досегашниот тек од Лигата на шампионите. Тимот од Бергамо во дебитантскиот настап во елитното натпреварување не само успеа да ја мине фазата по групи туку има шанса по втор пат во клупската историја да се најде во полуфиналето во европските купови.
За Аталанта ова е осми настап во натпреварувањата во организација на УЕФА и трето учество во четврт-финалето. Пред точно 32 години, Аталанта беше дел од тогашниот Куп на победници на купови и по триумфот над Спортинг Лисабон успеа да влезе меѓу четирите најдобри, а последна пречка пред пласманот во финалето беше белгиски Мехелен.Само две години подоцна во Купот на УЕФА, Аталанта не успеа да го повтори успехот откако беше елиминирана од Интер.
Составот од Бергамо очајно стартуваше во фазата по групи и по трите порази од Динамо, Шахтар и Манчестер Сити никој не веруваше дека може да стигне до осумте најдобри. Сепак по освоениот бод во Милано на дуелот со Манчестер Сити, следуваа две победи за пласман во елиминациската фаза, а потоа две победи над Валенсија за најголем успех во клупската историја.
Аталанта го освои третото место во Италија, а по рестартот на сезоната играше во голема форма. Девет победи и само еден пораз во 12 настапи само ја потврди добрата форма на избраниците на Џанпјеро Гасперини.
Поразот од Интер во последното коло беше единствен за овој тим во скоро шест месеци бидејќи Аталанта играше во голем стил и пред паузата поради пандемијата. Иако во пресрет на мечот со Пари Сен Жермен, Аталанта има статус на аутсајдер сепак екипата која игра најатрактивен и најефикасен фудбал на Апенинскиот полуостров може да се надева на сензација и продолжување на победничкиот поход.
Аталанта со 98 гола е убедливо најефикасниот тим во Серија А, во продолжението од шампионатот постигна 30 гола и токму нападот е најсилното оружје на избраниците на Гасперини. Тој за овој дуел нема да може да смета на еден од клучните играчи во средниот ред Словенецот, Јосип Иличич кој со 15 погодоци е втор стрелец во екипата. Иличич има семејни проблеми и веќе неколку недели е надвор од екипата и нема да биде во тимот во Лисабон.