Свет Топ вести

Постизборна криза во Белорусија – Тихановскаја пребегна во Литванија

 

Опозициската кандидатка за претседател на Белорусија, Светлана Тихановскаја, која го обвинува за изборен фалсификат реизбраниот претседателот Александар Лукашенко, побегна во Литванија. Тихановскаја, 37-годишната поранешна учителка по англиски јазик без претходно политичко искуство, влезе во трката откако нејзиниот сопруг, опозициски блогер, кој се надеваше дека ќе се кандидира за претседател, беше уапсен во мај. Сега, видно потресена вели дека никој, ниту тој не и влијаел на одлуката да ја напушти земјата.

-Одлуката ја донесов апсолутно независно – ниту пријателите, ниту роднините, ниту мојот штаб, ниту Сергеј не можеа да влијаат некако. И јас знам дека многумина ќе ме разберат, многумина ќе ме осудат, а многумина ќе ме мразат. Знаете, не дај Боже да се соочите со изборот со кој се соочив. Затоа, луѓе, ве молиме, внимавајте. Она што се случува сега не вреди ничиј живот. Децата се најважното нешто што го имаме во нашиот живот, рече Светлана Тихановскаја, опозициски претседателски кандидат.

Претседателот Лукашенко ја опиша Тихановскаја како „сиромашно мало девојче“, манипулирано од странски „марионети“.Таа синоќа не се придружи на протестите, како што рече, да избегна провокации. Полицијата во Минск пукаше со гумени куршуми и со солзавец ги растеруваше демонстрантите, а официјалните претставници велат дека еден демонстрант загинал кога експлозивна направа избила во неговите раце – ова е првиот потврден смртен случај од почетокот на судирите. Вчера невладините информираа за прегазен демнострант од полицско комбе, но тоа остана непотврдено. Според министерството за внатрешни работи повредени се преку 50 цивили и 39 полицајци. Многумина со раскрвавени глави и повреди од удари со палки бараат крај на полициската бруталност. Лукашенко, кој е на чело на државата 26 години, демонстрантите и приврзаниците на опозицијата ги нарече „овци“ контролирани од странство.

  • Срамота срамота, извикуваа демонстрантите.
  • До кога ќе го трпиме овој неред. Воопшто не разбирам, прашува повреден демонстрант.
  • Подготвен сум да им однесам малку вода. Но добив солзавец кога излегов, а сакам да живеат во слободна и мирна земја, вели жител на Минск.

Неприфатливо насилно ратсерување на демонстранти, реагираше официјален Лондон. Белоруската Влада да не спречува мирните собири и да не применува насилство спрема демонстрантите, побара Белата куќа.

-Со загриженост гледаме на белоруските претседателски избори. Сериозни ограничувања на пристап до гласачките листи за кандидати, забрана за локалните независни набудувачи на избирачките места, заплашување на кандидатите на опозиција и притвор на мирни демонстранти и новинарите го нарушија процесот. И ние ја повикуваме белоруската влада да го почитува правото на мир, мирно собирање и да се воздржи од употреба на сила, изјави Кејли Мекенани, портпарол на Белата куќа.

Ова се најголемите опозициски демонстрации во Белорусија од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Последниот европски диктатор, како што го нарекуваат аналитичарите, има три опции: да објави нови избори, поради големиот број прекршувања, но тоа е малку веројатно. Второ, да обезбеди странска поддршка за да ги реши домашните проблеми иако веќе ги расипа односите со Русија. И трета, најлоша опција со сила да ги задуши протестите, како што тоа го правеше и порано со неистомислениците.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Oбвинителството предлага Крешник Бектеши да оди во куќен притвор

Дејан Дејан

Цената на струјата и парното ќе ја утврдуваат експерти од енергетски компании – измени во Законот за енергетика

Дејан Дејан

Судијка од Велес ќе дели правда во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе