Македонија

Општина Аеродром ќе плати речиси 500.000 евра за реконструкција на веќе постоечки парк

Договорот за реконструкција на околу 5.000 метри квадратни за паркот „Бојмија“во населбата Острово е склучен во јуни, а изведувач е компанијата „Изградба комерц“. Вредноста е 411.000 евра без ДДВ, односно 485.000 евра со ДДВ. Паркот треба да ги има речиси истите работи кои ги имало претходно, но сега реконструирани, најквалитетни и најмодерни. За градоначалникот Златко Марин, сумата не е воопшто спорна, бидејќи негов приоритет било при изградбата да се стави акцент на квалитетот на материјалите што се вградуваат, а сето тоа да биде изведено по прифатливи цени. Посебен акцент е ставен на фонтаната.

Се планира реконструкција на постојната фонтана, во која ќе се постави модерен и софистициран систем со иноксни прстени, различен тип на млазници, дел од нив се со вертикално прскање, дел со пена, некои ќе бидат со водена прашина, а се менува и начинот на осветлување на фонтаната со цела нова машинска инсталација и синхронизирање на светлото  и течењето. Ова ќе биде придружено со нова електрика и нов систем за довод на вода, како и целосна реконструкција на бунарот за вода, кој моментално е во запуштена состојба, изјави Марин.

Проектот предвидува и реконструкција  на старите и изградба на нови патеки приспособени и за лицата со посебни потреби. А од општината објаснуваат дека ќе биле поплочени со двослојни павер елементи со дебелина од 5 сантиметри. На местото на старото детско игралиште ќе се изгради ново со современи реквизити, ќе има и фитнес зона со справи за вежбање, а на местото на старото ќе никне ново професионално фудбалско игралиште.

На тендерот се натпреварувале две фирми, а победила поскапата бидејќи најмногу поени 75 се добивало за квалитетот на изведбата, а не за пониската цена. Фирмата Изградба Комерц ја работеше и  Боемската улица во Скопје, а во последната година има добиено над 20 тендери од институциите, вредни и по неколку милиони евра. Меѓу нив и тие на Министерството за образование за реконструкција на основни и средни училишта.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Повредата е толку осетлива што од минута во минута создава нови проблеми“ вели мајката на повредениот син во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

(Видео)Нов протест за Фросина – нејзиното семејство незадоволно од пресудата

Дејан Дејан

Oбвинителството предлага Крешник Бектеши да оди во куќен притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе