Бејрут е целиот во руини. Речиси 300.000 луѓе останаа без покрив над главите – куќите им се уништени, половина станови од зградите ги нема, улиците се полни со оштетени автомобили – материјалната штета е огромна и надминува три милијарди долари.
Проценките се дека ќе бидат потребни два до три месеци да се врати градот во некаква нормала. Се уште се чувствува чадот, но има и отровни гасови. Затоа граѓаните треба да носат маски, или да останат дома.
Најновиот биланс на жртви е 135, и над пет илјади повредени. Само три болници се во функција. Болницата до пристаништето е затворена, откако неколку доктори загинаа од експлозијата. Останатите се борат да најдат кревет плус, бидејќи веќе се оптоварени со пациенти заболени од ковид. На оние со полесни повреди помош им се пружа во хотелите, и по парковите.
Трае потрагата и по исчезнатите. Извлечени се живи многу деца. Поворзасните чекаа и до 16 часа за да ја видат дневната светлина.
Истрагата за тоа како и зошто експлодирале речиси три илјади тони амониум нитрат, кој се користи и за експлозив, се уште трае. Но, во притвор се веќе неколку раководители на пристаништето во чии складови се чувала хемикалијата во несоодветни услови цели шест години. Станува збор за негрижа, велат истражителите.
Тагуваме за жртвите, но не можеме да плачеме над урнатото. Одговорност мора да има, рече премиерот.
Ова е огромна катастрофа која го погоди Либан, но нема да плачеме над урнатините. Работната група ја почна процедурата. Прво, приоритет мора да е истрагата и резултатите мора да се брзи. Второ, интензивирање на напорите за опоравување. И трето, потрага по исчезнатите.
Амониум нитратот пристигнал во брод со знамето на Молдавија во 2014-та година, но на својот пат до Мозамбик имал технички проблеми и бил принуден да застане во Бејрут. По инспекцијата, на бродот му било забрането да го напушти пристаништето со опасниот амониум нитрат. Сопствениците си заминале, а хемикалијата била складирана, и потоа заборавена.
Медиумите јавуваат дека прашањето за безбедноста за складирањето на амониум нитратот го разгледувале неколку одбори, но ништо не е сторено за да се издаде налог за преместување на овој лесно запаллив материјал. Властите биле предупредени пред шест месеци дека ако не се дислоцира спорниот материјал – „ќе го крене во воздух цел Бејрут“. Затоа, јавноста не верува и ја обвинува целата политичка елита за некомпетентност, но најмногу за корупција.
Сателитските снимки ја прикажуваат големината на катастрофата, на уништеното пристаниште и огромниот кратер од речиси 200 метри кој е полн со вода. Уништен е и главниот силос кој чуваше 85% од житото за цела држава. Силината на експлозијата била еднаква на земјотрес од триипол рихтерови степени, а се почувствува и до Кипар, кој е одалечен 240 километри од Бејрут.
Алиса Шутиноска